Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше на падот на Македонија за шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година, нагласувајќи дека тоа е директен резултат на влошената медиумска средина и нерешените системски проблеми со кои се соочуваат новинарите во земјата.
– Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава – стои во соопштението на ССНМ.
Дополнуваат дека токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
– Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ – дополнуваат од ССНМ.
Извештајот на Репортери без граници, кој ја рангира Македонија на 42. место од 180 земји, ја нотира потребата од итна реформа на медиумското законодавство и заштита на новинарите од СЛАП тужби – тужби што се користат како средство за притисок и заплашување.
– Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер – дополнуваат од ССНМ.