Фото: ССКЛ/ЗКЛМ

Со овој допис Струковиот синдикат на контроли на летање (ССКЛ) категорично демантира дека во било кој исказ, изјава или писмена форма, од било кој член на ССКЛ, вклучувајќи го и претседателот на ССКЛ, е изнесено признание дека штрајкот најавен од страна на ССКЛ за ден 20.10.2025 година — кој беше забранет како наводно незаконит од страна на Основниот граѓански суд Скопје — е незаконит, ниту пак дека сме свесни оти постапуваме надвор од закон, стои во демантот од ССКЛ.

– Наводите на М-НАВ АД Скопје дека „претседателот на ССКЛ, Тасевски, признал дека штрајкот што го најавил е незаконски“ се целосно невистинити и имаат за цел да го дефокусираат јавниот дискурс од реалниот проблем кој постои уште од 2023 година, а кој сегашниот менаџмент нема капацитет да го надмине. Со овие дезинформации, М-НАВ АД Скопје свесно ја манипулира јавноста, со цел да се наруши угледот на претседателот Александар Тасевски и на ССКЛ – синдикат кој доследно и единствено се спротивставува на секој обид, внатрешен или надворешен, што има за цел да ја поткопа професионалноста на компанијата – се вели во реакцијата.

Оттаму додаваат дека не е вистина оти ССКЛ нема право на штрајк.

– За истиот овој штрајк, во 2024 година, целата јавност беше сведок дека претставници на тогашната Влада и на надлежните министерства јавно ја изразија својата поддршка за истите барања што важат и денес. Како може тогаш штрајкот да бил легитимен, а денес не? Не е вистина дека не е завршена постапката во фазата на помирување. Не е вистина дека ССКЛ има политички цели или позадини. Како и досега, ќе продолжиме да ја докажуваме вистината и пред медиумите и пред институциите. ССКЛ ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд за времената мерка за забрана на штрајкот, и ќе побара предметот да биде вратен на рочиште, за да ја изложиме нашата одбрана и аргументи пред надлежниот суд – се вели во дописот на ССКЛ до медиумите.