Фото: СДСМ

Средба за техничката влада нема да има, техничката влада мора да остане затоа што оваа власт покажа со конкретни дела и чекори дека не владее демократски, изјави денеска на прес конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче, обвинувајќи дека „ова што се случува е сценарио за предвремени избори“.

– Техничката влада беше воведена за тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ не ги злоупотребува институците, а ние гледаме во овие година и пол дека ништо не е сменето. Продолжија со узурпација на сите институции. Тоа го видовме за време на локалните избори… Затоа што предлог законите донесени во сферата на правосудството воопшто не ги пратат насоките од Оценската мисија на ЕУ, напротив дозволуваат уште поголема злоупотреба на оваа власт на правосудните и полициските институции – изјави Филипче.

Според Филипче, ова што се случува е сценарио за предвремени избори и порача дека СДСМ нема да биде покритие за тоа.

-Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори. Ова што се случува е сценарио смислено уште лани, кое СДСМ го разоткри пред повеќе од два месеци. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да преземе мигранти, да земе кредит шест милијарди евра плус 20 илјади фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми – изјави Филипче.

Техничката влада мора да остане, рече Филипче, обвинувајќи дека власта „ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството и носи измени на Кривичниот законик спротовно на препораките на ЕУ“.

– Да не беа овие чекори можда и можеше да се разговара, но ова е класична мафија. Со криминалци кои се обидуваат да узурпираат се и да се спасат, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност. Сето, она што СДСМ го говори изминатиот месец, сега се случува пред очите на граѓаните – изјави Филипче.

Како е можно, рече лидерот на СДСМ, само еден час по изјавата на Александар Вучиќ во Србија, Мицкоски да споменува избори.

– Сега е на сите јасно се и нема потреба од дополнителни објаснувања. Акцијата на САД, Законот за Западен Балкан каде фокус е борбата против криминалот и корупцијата ги забрзаа работите. Зошто постои потреба на најголемиот празни, на Божиќ да се пласираат вакви политички вести. Очигледно е дека се разоткриени, постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од  регионот што ќе бидат објавени овој или наредниот месец – изјави Филипче.

Прашан дали СДСМ ќе учествува на избори, ако бидат распишани, Филипче рече дека ќе учествуваат и се спремни за избори, кога и да ги распише, нагласувајќи дека „сега граѓаните ќе знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да направат ниту еден чекор напред „кон Европа, кон вистински реформи и кон она што граѓаните го бараат и очекуваат“.

Филипче, исто така, го обвини Мицкоски дека повикува на средба, а до вчера, како што нагласи секоја барале да си замине од СДСМ и дури „од внатре се обидоа да ја рушат партијата“.

– И сега средба. Па дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни. Средба нема, техничката влада останува – изјави Филипче.