Фото: Африм Гаши/Фејсбук

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска имал средба со новименуваната амбасадорка на Јапонија во земјава, Сецуко Кавахара.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, Гаши изразил надеж дека Македонија и Јапонија ќе ги продлабочат добрите и пријателски односи и додал дека Јапонија е еден од нашите најголеми билатерални донатори во повеќе области, особено во образованието и здравството, преку проектите за техничка соработка, грантови и донации.

Амбасадорката Кавахара нагласила дека во рамки на нејзиниот мандат ќе стори сѐ добрите и пријателски односи меѓу двете држави да се продлабочат и тоа во сите области и во зголемување на трговската размена.

Претседателот на Собранието информирал дека во нашето Собрание е формирана Пратеничка група за соработка со Јапонија и има интерес за унапредување на соработката на највисоко парламентарно ниво и на ниво на пратенички групи за соработка меѓу двете држави. Тој додал дека како претседател на Собранието се залага за унапредување на парламентарната дипломатија и јакнење на меѓусебниот дијалог.

– Двајцата соговорници разговараа за можноста за размена на искуства меѓу двете земји во повеќе области, особено во образованието, каде Јапонија како држава има одлични резултати. Претседателот на Собранието го поздрави зголемениот интерес на Јапонија за земјава, како дел од регионот на Западен Балкан, кој се демонстрира преку јапонската Иницијатива за соработка со Западен Балкан од 2017 година – се додава во соопштението од собраниската прес-служба.