Илустрација / Фото: МИА

Предлог-препораките за македонските учебници за седмо одделение, како и евентуални заеднички чествувања, биле тема на 34. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, што се одржала во Скопје.

-Стана збор за предлог-препораките за македонските учебници за 7. одделение, а патем се дискутираше и за евентуални заеднички чествувања, при што до израз дојдоа различните позиции на двете страни – соопштија од македонскиот експертски тим.

Средбата, додаваат оттаму, поминала во динамична и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата, и притоа биле усогласени и усвоени заостанатите Записници и Стенограми од работата на Комисијата во 2023 година.

-Во духот на градење доверба, македонскиот дел од Комисијата настојува да одржува проактивен пристап, согласно позитивните европски практики и искуства – се вели во соопштението на македонскиот тим.

Следната средба на Комисијата ќе се одржи во април во Софија.

Претходната средба се одржа на 12 и 13 декември во Софија, на која станало збор за евентуални заеднички чествувања, за препораките за македонските учебници за 7. одделение и утврдување на динамиката на работа за првото полугодие за 2025 година.

Во Скопје кон крајот на октомври лани се одржа средба на Мешовитата комисија, што беше прва на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна. Копретседавачат на бугарскиот тим Ангел Димитров тогаш по средбата, кусо рече дека таа „повеќе била за запознавање“ и „од технички аспект“.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.