Премиерот Христијан Мицкоски во рамките на неговата посета на Вашингтон, денеска остварил средба со заменик помошник секретар за Западен Балкан Александар Касаноф, на која станало збор за европските интеграции и пречките со кои се соочува земјава на тој план.
-Остварив средба со Александар Касаноф кој е заменик помошник секретар за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот. Разговаравме за состојбата во државата, европските интеграции и пречките со кои се соочува земјава на тој план. Имаме идеја, имаме план, Македонија има пријатели! – објави на својата Фејсбук страница премиерот Мицкоски.
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска рече дека и е мило што премиерот и членовите на неговиот Кабинет се повторно во Вашингтон.
-Мило ми е што премиерот и членовите на неговиот Кабинет се во Вашингтон. Фактот што тој е неколку пати таму откако ја презема неговата позиција како премиер, исто како и многу други министри само зборува за близината на нашите односи и на многу начини покажува дека ние како САД и Северна Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам таа соработка да биде зајакната – рече Агелер во одговор на новинарско прашање по примопредавање на мобилно оперативно возило на Црвен крст.