Фото: Принтскрин

Време е Скопје повторно да го вратиме на скопјани и да изградиме град со кој ќе се гордееме сите ние и генерациите после нас, изјави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски откако претседателот на партијата Христијан Мицкоски ја соопшти одлуката на Извршниот комитет тој да биде нивни кандидат на локалните избори за прв човек на главниот град.

Од утре, рече Ѓорѓиевски, ќе почнат со теренските посети и процесот на креирање на програмата со која ќе настапат на локалните избори за Град Скопје и проектите што ќе ги зацртаат ќе бидат детално разработени со рокови и финансиски импликации.

Како што рече, фокус ќе биде решавање на сообраќајниот хаос, дивите депонии и хигиената во градот  за кој рече дека е валкан.

-Градот едноставно кажано е прљав. Немаме улица, немаме маало каде што немаме проблем со хигиената. Тоа е она што најмногу ги тишти скопјани, не само изминатите четири години, туку и неколку години претходно. Не можеме да направиме далечна отстапка од владеењето на Петре Шилегов со градот и Данела. Тука речиси и да нема некоја разлика меѓу нив двајца. Со тоа што ова што се случува во последните неколку години е катастрофа за сите нас како жители на  главниот град … Сето она што ќе биде зацртано во програмата ќе дадам се од себе во четири години мандат да биде реализирано. Тука ќе има и проекти со поддршка на Владата од која очекуваме силна поддршка и веруваме дека ќе има многу реализирани проекти. Скопје ќе биде претворено во едно големо градилиште, тоа што, за жал, не е слика за Скопје денес – истакна Ѓорѓиевски.

Поддршката од неговата партија да биде кандидиран за градоначалник на Скопје, како што рече, е најголем предизвик во неговиот живот. Му се заблагодари на лидерот на партијата Мицкоски од кого рече ја има најголемата помош и досега  при водењето на општина Кисела Вода и, рече, верува дека таа помош и поддршка ќе ја има и во перспектива насочена кон градот Скопје.

-Апсолутно сум свесен во каква состојба се наоѓа градот Скопје, апсолутно сум свесен за девастираноста на градот, за сивилото што владее и во кое живееме сите скопјани, но исто така сум спремен по изборите повторно да го воскреснам Скопје и конечно Скопје да стане град за достоинствен живот за сите наши сограѓани, град без делби. Јас ќе останам достапен и близок за сите граѓани од Скопје. Не очекувајте да бидам салонски политичар зашто и во мојата општина Кисела Вода во изминатите четири години покажав дека често сум во населените места и меѓу граѓаните и секогаш подготвен да ги ислушам нивните потреби и барања. Така ќе биде и во градот Скопје, ве уверувам во тоа. Ја барам поддршката од сите скопјани, без разлика на политичка припадност, вера и нација. За мене постојат само скопјани кои си го сакаат градот или не си го сакаат градот – изјави Ѓорѓиевски на заедничката прес-конференција  со Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ја соопшти одлуката на Извршниот комитет за која соопшти дека се темели на анкетите кои покажуваат дека „Орце Ѓорѓиевски води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ“.

Одлуката, рече Мицкоски, се темели и на тоа што како градоначалник на Кисела Вода Ѓорѓиевски е „докажан работник со резултати“, дека „и умее и сака да работи за граѓаните“.

Посочи дека ќе ја има поддршката од Владата и ќе понудат програма со што ќе бидат решени проблемите на градот  „превозот, хигиената, урбаниот хаос“.

-Орце го познавам многу долго време и знам дека е исклучително мотивиран, најпрвин да победи, а потоа и да победува секој ден за градот Скопје и за скопјани. Тој е отворен, посветен и достапен работник кој решава проблеми. Нова енергија каква што му е потребна на Скопје после четиригодишно девастирање и замреност на градот. Ги научивме сите лекции за да не погрешиме и сега повторно во изборот на прв човек на градот. Пред се, затоа што Орце е веќе докажан работник и делата што ги направи во Кисела Вода говорат за него. Сега ќе има нова задача – да го развива Скопје, да ја нормализира неговата работа и да го врати на скопјани. Убеден сум дека со заедничка работа со централната власт, со Владата, за Скопје доаѓаат добри денови, решавање на клучните проблеми – превозот, хигиената, урбаниот хаос – истакна Мицкоски.