Фото: З.А

По речиси четири децении (пуштена во работа во далечната 1986 година), спортската сала „Јанчица“ во Кичево, конечно доби ново руво и условите за тренинг и играње првенствени натпревари се неспоредливо подобри и во блиска иднина домаќините планираат во реновираната спортска сала да организираат и завршни турнири во малите спортови.

Со овој зафат и далеку подобрените услови за работа во спортската сала, ќе можат и локалните клубови во далеку подобри услови да го спроведат тенажниот процес и да остваруваат резултати какви што од нив се очекуват, како пред 15-20 години. Активностите за реновирање на салата се на самиот крај и во самиот финиш се чека да се постави инвентар во соблекувалните и исчисти подлогата на централниот терен.

-По шест месеци интензивна работа, се привршуваат работите на реновирање на спортската сала „Јанчица“ во Кичево. При овој зафат поставен е нов покрив на салата, целосно се реновирани соблекувалните и јавниот тоалет, теренот доби пластифицирана подлога а поставени се и нови клупи за седење на гледачите и што е најважно спортската сала ќе добие сопствено затоплување, што досега не беше случај, а за која потреба беа инсталирани топлински пумпи и соларни панели кои ќе придонесат во одредени периоди од годината салата да продава на ЕВН и дел од произведената електрична енергија. Изграден е систем за одводнување и во периоди на посилни врнежи од дожд, нема да дојде до поплавување на теренот и соблекувалните, како што тоа се случуваше претходните неколку децении. Салата доби и целосно ново осветлување а се очекува да биде инсталиран и нов дигитален семафор а околу спортската сала поставени се нови бекатон плочки а салата е и заградена, за да нема недозволени паркирања на возила во нејзина непосредна близина- истакна Бафтир Арслани, одговорен за спортската сала Јанчица.

Одговорното лице за финансирање и буџет, Бурим Кадриу, нагласи дека за реновирање на салата општина Кичево издвоила вкупно 500.000 евра.

Инаку оваа сала ќе биде запаметена и по организирањето на првиот натпревар на женската ракометна репрезентација на независна Македонија во 1992 година, кога за противник ја имаше екипата на Литванија .

Изведувачот на работите „Ас Сењак“ од Кичево, во целост ги заврши планираните активности на салата и истата може да се стави во употреба на спортистите од градот. З.А