На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието на Македонија за второто полугодие на 2022 е 5,7. Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јули – декември 2022 година. Во фокус беа дискусиите што се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија, информираат од Институтот за демократија.
-И покрај благото подобрување во однос на периодот јануари – јуни 2022 (5,6), извештајот за овој период покажува ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување, велат од Институтот.
Посочуваат дека генерално се забележува мало подобрување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието, во споредба со претходниот период на набљудување јануари – јуни 2022 година.
-Говорниците во 39 отсто од нивните излагања немаа аргументи, додека во 54 проценти слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 7 отсто од дискусијата. Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини, потенцираат од Институтот за демократија.
Кога станува збор за односот на пратениците кон личноста на своите колеги од друга политичка партија, набљудувачите воочиле дека во 17 отсто од дискусијата е искажано почитување што е значителен напредок за разлика од претходниот период на набљудување кога експлицитно почитување било искажано во 1 процент од случаите.
-Но и покрај ова подобрување, пратениците и понатаму повеќе се осврнуваат кон личните карактеристики на соговорниците, отколку кон суштинско разгледување на нивните аргументи, посочуваат од Институтот.
Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување.
Забележано е дека пратениците во околу 87 отсто од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63 отсто од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37 проценти.
-Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Бојан Стојаноски и Гордана Сиљановска Давкова, информираат од Институтот за демократија.
Институтот за демократија од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на законодавниот дом генерално. Во јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија. Овој проект се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП).