Судскиот совет вчера на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека прашањето, кое сериозно треба да се разгледа во овој случај е зошто е одлучено Рамадани да биде во домашен притвор и додаде дека токму поради ваквите случувања во правосудството довербата во него е мошне мала. Опозициската СДСМ, пак, одговорноста ја бара кај МВР и министерот Панче Тошковски и смета дека тие „несмасно спинуваат дека судот е крив“.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, вчера на почетокот на 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
-Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен и да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата – изјави Дамева.
Комисијата е во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Министерот за правда Игор Филков, пак, смета дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.
-Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата. Го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации – изјави Филков за „Канал 5“.
Премиерот Мицкоски вчера истакна дека случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива два проценти доверба кај граѓаните и како што рече, се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава.
Во однос на тоа дали има информации каде се наоѓа Рамадани, Мицкоски вели дека „не е прашањето каде е тој, туку зошто е одлучено да биде во домашен притвор“ и дека тоа е „ прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува“.
Прашан дали стапил во контакт со српските власти за Рамадани, како што побарале Мицкоски повика да не се дозволи „нашите соседи да покажуваат мускули кај нас“, порачувајќи дека „пред никого не поднесува објаснувања“.
-Ве молам да не дозволиме, повторно апелирам нашите соседи да покажуваат мускули кај нас. Инаку, јас пред никого не поднесувам објаснувања, можеби еден ден пред еден којшто никој не го гледа – истакна Мицкоски.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, пак вчера не сакаше да лоцира вина, но одговорајќи на новинарски прашања изјави дека Србија дава неточни информации за случајот со Рамадани.
На прашањето дали Владата има информации за бегството на Рамадани, за кои дел од медиумите објавија дека се наоѓа на Косово и во однос на тоа каде потфрлиле институциите, Меџити упати на одговор од Министерството за внатрешни работи.
-За тоа ќе се обратите до МВР. Знам дека судечкиот совет донел одлука дека аргументите што ги посочува Србија не држат и нема основа Блерим Рамадани да се спроведе во Србија. Тоа е веќе трета одлука. Имаше иста за Дуголи во минатото, имаше за Морина и веќе тоа станува судска пракса и мислам дека најверојатно таа судска пракса треба да не насочи како држава да дејствуваме како и сите други европски држави. Значи, за овој случај Србија дава неточни информации и мислам дека не треба да се сфатат сериозно во иднина – истакна Меџити.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ завчера побара објаснување од македонските власти за бегството на Рамадани од домашен притвор, истакнувајќи дека неговото бегство е скандалозно.
-Станува збор за припадник на терористичката ОВК којшто извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби се им е дозволено и простено – рече Дачиќ.
Власта и опозицијата, пак, вчера продолжија со меѓусебни обвинувања за бегството на Рамадани.
Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август. На 9 август Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да не го екстрадира Рамадани, со тоа што му беше наложено да остане во домашен притвор во Скопје до правосилната пресуда на Врховниот суд на Македонија.
Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.