Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека е приведено 34 годишното лице Л.А од Битола, за потпалувањето на влезната врата на културниот центар во Битола на 4 јуни годинава.
МВР бара одредување мерка притвор заради тоа што, нагласи Спасовски, се исполнети условите по однос на таквото барање.
За време на неговата работна посета на СВР Охрид беше прашан од новинарите дали се работи за Ламбе Алабаковски, министерот Спасовски само посочи дека зборува за лице со иницијали Л.А, кое живее во Битола.
– Имаше опсежна активност на СВР Битола се преземаа многу активности, многу службени разговори се обавени, прегледан е многу материјал од видео надзор не само од објектот, туку и на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело – изјави Спасовски.
Појасни дека доцна синоќа по наредба на надлежниот суд, по предлог на СВР Битола и надлежниот обвинител, извршен е претрес во домот и во неколку други објекти, што се сопственост на сторителот на кривичното дело и пронајдени се облеката и други предмети што се доведуваат во врска со кривичното дело.
– Имаме несоборливи докази, лицето е приведено во полициска станица и во моментот очекуваме дека ќе биде извесен пред надлежниот судија на претходна постапка – рече министерот за внатрешни работи Спасовски.