Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево пред Анкетната комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година повеќепати ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби.
Во однос на ангажманот што го има МВР по последната постапка којашто е отворена, Спасовски рече дека се преземени низа активности насочени кон обезбедување на доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида на вештачења – едното вештачење е на електронските уреди и второто на медицинската документација, каде имаат одземено над 50 здравствени картони на пациенти од Клиниката.
– МВР првпат реагираше на 31.5.2012 година по основа на оперативни сознанија што ги имаше и поднесе кривична пријава против директорот на Онкологија во тоа време со индиции за злоупотреба на на набавка на цитостатици на лекови. Од моментот на поднесување на пријавата до денес не е преземено ниту едно истражно дејствие од страна на Јавното обвинителство. Втората пријава е доставена на 2.6.2020 година од директорот на установата против едно од лицата за кои исто така има сомнеж дека учествувал во нелегални активности и со целокупниот службен материјал во тој момент – службени белешки, извршување на разговори, разговори на сведоци итн. Сите тие материјали се доставени до ОЈО како надлежно обвинителство. Според информациите коишто располагам, дури сега се преземени мерки за покренување на обвинителен предлог или акт. И трето е покренувањето на постапката што сега ја водиме, а тоа е на 31.8.2023 година во која што Одделот за криминалистичка полиција, сектор за економски криминал и корупција врз основа на сите информации пласирани во јавноста, доставува известување до ОЈО Скопје за презентирање на сите сознанија што ги имаме во однос на Клиниката за онкологија и потоа следуваат следните активности – рече Спасовски.
Додаде дека од страна на МВР се преземени сите мерки што дошле како оперативни сознанија и врз основа на наредбите што биле издадени од Основното јавно обвинителство.
– Веројатно ќе имаме и дополнителни наредби што ќе бидат издадени, меѓутоа до денеска можам да кажам дека се преземени низа на активности во смисла на обезбедување на докази, материјали, електронски уреди или сослушување на одредени лица кои што знаат повеќе во однос на оваа состојба – рече Спасовски.
Според Спасовски, досега ниту еден поранешен или актуелен функционер од Владата нема поднесено пријава.
-Ако зборуваме на ниво на Влада, ниту еден. На ниво на директори, на 2.6.2020 година до МВР е пријавен тогашниот директор за злоупотреба во однос на лековите, односно цитостатици во клиниката кои што во тој период се случувале – рече Спасовски.
За седум лица од Клиниката за онкологија се водат финансиски истраги
Министерот Спасовски на втората седница на Анкетната комисија за случајот со Клиниката за онкологија, информира дека се водат финансиски истраги за околу седум лица од Клиниката.
– Секој за кој ќе се утврди вина, ќе треба не само да биде во притвор, туку и да носи одговорност пред надлежниот суд и на крајот да биде осуден. Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. За околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она што е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт – изјави Спасовски, одговарајќи на прашање поставено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
Спасовски информира дека во времето додека Беким Сали бил министер за здравство не е пријавено ниту едно кривично дело во ОЈО или МВР за Клиниката за онкологија.
-Првото дејствие го преземаме на 1.9.2023 година, кога сосема друг е министер. Ниту претседател на државата, ниту премиер, ниту некој друг не може да изврши притисок на ова што го работиме и да ги негира доказите кои што сме ги обезбедиле со Основното јавно обвинителство – рече Спасовски.