Неспорно е дека Европската унија е нашата референтна точка. Интегрирањето на земјава, но и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, не се само гаранција за стабилност и просперитет во регионот, туку многу повеќе, нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на Регионалниот состанок на директори на полициски служби од Западен Балкан, Елинската Република, Република Бугарија и Италијанската Република, што денеска и утре се одржува во Скопје.
Спасовски се осврна на изјава на, како што рече, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, дека земјите од Западен Балкан за ЕУ се претвораат во партнери за прашања на безбедноста, за разлика од претходно кога беа разгледувани како жариште на нестабилност.
– Оваа констатација беше точна и во времето кога беше дадена, а останува точна и сега, кога Република Северна Македонија е рамноправна членка на НАТО и останува и натаму максимално посветена на европската интеграција и покрај долгото отсуство на датум за старт на преговори за членство во ЕУ – истакна министерот за внатрешни работи.
На присутните им порача дека полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот, ако бидеме дел од ЕУ, а нашата позиција во однос на тоа прашање е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни.
-Криминалот особено организираниот криминал не е непознаница за западните држави. Јасно ни е на сите дека криминалците од различни држави многу полесно се разбираат отколку политичарите и полициските практичари, па затоа криминалните структури се секогаш чекор пред државата, бидејќи ги спојува интересот – наведе Спасовски, пренесува МИА.
Од друга страна пак, рече, вистина е и тоа дека и во политиката нема вечна љубов, туку само вечен интерес, а кај криминалците тој е секогаш во прв план. Тие прават сè за да ја надитрат државата, затоа, истакна министерот Спасовски, многу е важно како ќе се поврзат институциите на различните држави и како ќе им застанат на патот на криминалните здруженија, за коишто границите не претставуваат препрека. Без оглед на тоа дали станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, илегални миграции, трговија со наркотици и така натаму, Балканот со својата геостратешка положба, истакна Спасовски, е постојано привлечен за криминалците, па затоа навистина е важна секоја иницијатива за регионално поврзување во борбата против организираниот криминал и брзата размена на информации меѓу државите.
Поздравувајќи го лично и во име на МВР силниот одзив и присуство на директори на полициските служби од регионот на Западен Балкан, од Република Бугарија, Елинската Република и од Република Италија, Спасовски нагласи дека Македонија, без разлика на сите предизвици кои стоеле и сè уште стојат пред нас, за многу кратко време, постигна значителен напредок, и сето тоа, благодарение на сите општествени чинители.
– Среќен сум што прогресот и стратешката определба на земјата за членство во Европската унија е приоритет број еден и тука нема компромиси. Заеднички работиме кон постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организиран криминал, корупцијата, безбедносните реформи, како и на правосудството и јавната администрација. Нашите напори се евидентни – рече министерот Спасовски.
Тој порача дека одлучна и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава која е определена кон воспоставување демократија, владеење на правото и правна држава. Тоа е, рече, наш стратешки приоритет, при што фокусот на нашите активности е насочен кон превенција, спречување и борба со сите облици на организиран криминал, согласно највисоките стандарди на полициско работење.
Сите ние имаме цврста политичка волја и развиена јавна свест за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал и во овој контекст, со поддршка и соработка со меѓународните институции, работиме на развој на ефикасни правни стандарди и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа. Модерниот свет нема никаква дилема дека транснационалниот организиран криминал е реална, објективна закана, со огромен потенцијал да предизвика сериозни – како национални, така и пошироки, глобални безбедносни импликации, кажа во обраќањето министерот за внатрешни работи.
Во оваа борба, МВР односно полицијата, е една од клучните алки во тој систем за сузбивање на организираниот криминал и справување со корупцијата.
Во обраќањето Спасовски меѓу другото оцени дека развојот на украинската криза долгорочно ќе влијае на геополитичката стабилност и одржувањето на безбедноста во светски рамки. Во овие рамки, посебно сензитивни се државите кои се граничат со руско-украинската линија, вклучувајќи го и целиот регион на Југоисточна Европа, во кој се наоѓа и нашата земја, која е стратешки насочена за отворање на преговорите и полноправно зачленување во Европската Унија.
Новонастанатите состојби во Украина, истакна тој, дополнително ги стимулираат потребите за одржување на цврста меѓународна соработка со земјите од овој регион, поради што Македонија активно е вклучена и ги поддржува сите меѓународни иницијативи кои имаат за цел да ја зајакнат соработката и безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и безбедноста на целиот Европски континент.
На регионалната конференција присутни се извршниот директор на Европол, Катерин Де Бол, извршниот директор на полициски служби на Интерпол, Стивен Каванаг, заменик-директор Виторио Рици, Ребани Јаупи, заменик-директор Енсад Корман, директорот Синиша Кострешевиќ и неговиот заменик Ранко Вуковиќ, директорите Самедин Мехмети и Зоран Брѓанин, како и помошник директорот Драган Васиљевиќ. Учествуваат и директорите Вентислав Кирчев и Констатинос Скоумас, како и Карло Вердилионе.