Македонски државјанин е спасен, а по две лица се трага во Посиди, на првиот крак на Халкидики во Грција, откако тројцата влегле во морето, но веројатно биле повлечени од струите и брановите поради лошото време, јави дописничката на МИА од Атина.
Не постои официјална потврда дали и двајцата исчезнати се македонски државјани.
Од Крајбрежната служба на Грција за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека спасениот е од Македонија, односно дека станува збор за 25-годишно момче кое е во добра здравствена состојба. Спасувачката акција што е во тек за пронаоѓање на двајцата исчезнати, чии идентитет и националност не се познати, е во услови со силен ветер од пет до шест бофор.
Во спасувачка акција на плажата Мити во Посиди учествуваат брод на крајбрежната служба, еден рибарски чамец и хеликоптер на военото воздухопловство, според локалните медиуми.