Фото: МИА

Советот на јавни обвинители на денешната 40-та седница донесе одлука за избор на Енѓелуше Кадриу Леши, Александар Марковски, Ана Гоговска Јакимовска и Ана Стојковиќ Димитриовска за нови јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Претседателот на Советот, Башким Селими, информира дека на огласот за пет јавни обвинители биле пријавени осум кандидати, додека Трајче Пеливанов и Артан Ајро ги повлекле кандидатурите и нивните апликации не се разгледувале, пренесе МИА.

По гласањето, кандидатите Марија Горѓиева, Валентина Бислимовска, Сузана Мирческа Кузмановска и Ивана Алексовска Трајчевска не беа изгласани.

Членот на Советот, Светлана Стојковиќ, се осврна на измените на мандатот на јавните обвинители во ОЈО ГОКК од четири на седум години, нагласувајќи дека петмина од пријавените кандидати веќе имаат два мандата во ова обвинителство, што значи осум или повеќе години искуство. Таа истакна дека мандатот од седум години е доволен за придонес, но и за спречување акумулација на моќ.

Стојковиќ подвлече дека би го поддржала изборот на трите обвинители од ОЈО Скопје кои претходно не работеле во ОЈО ГОКК, поради нивната биографија и досегашното искуство.

Членот Кети Петкова се согласи со Стојковиќ, истакнувајќи дека ќе гласа за кандидатите надвор од ОЈО ГОКК, но и за Кадриу Леши, со цел да се зачува правичната застапеност.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески појасни дека не учествувал во интервјуата, но ги проучил материјалите за сите кандидати и дека својот глас ќе го даде за тројцата кои не се од ОЈО ГОКК, нагласувајќи дека секој заслужува шанса за напредок во кариерата.

 – Секогаш сум поборник секој да ја добие шансата и да се реализира на одредена позиција. Тројца од кандидатите не се дел од ОЈО ГОКК, но сите кандидати од ОЈО ГОКК се квалитетни и докажани во својата работа – истакна Савески.