Фото: Принтскрин

Состојбата во државата во моментов е стабилна и нема предизвици што би можеле да го загрозат нормалното функционирање на системот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека институциите внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени навремено да реагираат.

Тој посочи дека актуелните случувања поврзани со кризата во регионот на Заливот се уште се во почетна фаза, но Владата секојдневно ги анализира можните предизвици. Според него, во моментов нема индикатори што би можеле да доведат до нарушување на функционирањето на системот.

Мицкоски истакна дека дел од предлозите на опозицијата се веќе разгледувани во рамки на владините политики, но нагласи дека Владата има подготвено и дополнителни мерки кои ќе бидат активирани доколку се процени дека постои потреба.

Премиерот додаде дека сегашната ситуација не може да се спореди со онаа од 2022 година, бидејќи тогаш изјавите биле дадени по неколкумесечен континуиран раст на цените, додека сега станува збор за почетна фаза на потенцијална криза.

Тој најави дека попладнево во 16 часот ќе одржи состанок со трговците и претставници на маркетите, на кој, како што рече, ќе изнесе јасни пораки и аргументи во насока на одржување на ценовната стабилност.

Мицкоски очекува во услови на актуелните предизвици сите чинители да постапуваат одговорно и во интерес на заштита на животниот стандард на граѓаните, што, според него, воедно значи и заштита на бизнис секторот.

Тој нагласи дека земјава во моментов има најниски цени на горивата во регионот и дека нема ценовен шок, ниту пак проблеми со снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Компаниите, како што рече, располагаат со доволни резерви.

Според премиерот, инфлацијата во земјата е најниска во регионот, а податоците покажуваат дека трошоците на мало во февруари изнесуваат 1,6 проценти, што укажува дека базичната инфлација постепено се стабилизира.

Тој додаде дека почетокот на годината е охрабрувачки според економските индикатори, но Владата ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да работи во насока на заштита на стандардот на граѓаните.