Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, со анализа на подготвеноста за борба со пожари
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, за „Нова Македонија“ истакнува дека неодамна самите алармирале дека „и оваа година има голема веројатност за појава на пожари на отворено, што ако бидат потпомогнати со временските услови може да бидат сериозна опасност!“
– Секако подобра е подготвеноста од 2021 г., но мора реално да се гледа на состојбата со ресурси и сили за противпожарни дејства на отворено. Најважната работа е да се зачуваат животите на граѓаните, а и на тие што се ангажираат за гаснење на пожарите. Безбедноста пред сѐ… – истакна Ангелов.
Ангелов: ЦУК е подготвен за претстојна сезона на можни пожари на отворено
Тој додаде дека споредено со претходните две години состојбата со територијалните противпожарни единици (ТППЕ) е подобрена.
– Реалните податоци низ бројки го покажуваат следното: вкупниот број на пожарникари во 2023 г. е 1.001 пожарникар, од кои вработени се 937, а ангажирани преку агенција се 64 пожарникари. Во ТППЕ Скопје има 190 пожарникари. Вкупно во државата недостигаат 340 пожарникари, најмногу – во најголемите градови. Иако последниот попис на населението покажа значително помалку жители во земјава, со што се намали и законски потребниот број пожарникари по жител, сепак сè уште имаме 340 пожарникари помалку од законскиот минимум – нагласува тој.
Ангелов додава и дека помалку од законски предвидениот минимален број пожарникари има во 16 од 34-те противпожарни единици во земјава.
– Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје. Скопската единица, која покрај скопските општини ги покрива и приградските Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер-Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково, има 190, а треба да има 405 пожарникари – нагласи Ангелов.
Според него, следни според бројот на пожарникари што им недостигаат се, исто така, најголемите центри, и тоа: Куманово – каде што има 33 пожарникари помалку отколку што пропишува законот, Битола е со 21 пожарникар помалку од законскиот минимум и на Тетово му недостигаат 17 пожарникари.
– Триесет и четирите противпожарни единици во земјава вкупно имаат 284 возила, од најразличен вид – оние што гаснат пожар, цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата. Во 2020 година во земјава имаше 241 возило, просечно стари 28 години.
Ова значи дека во последните три години, зголемен е бројот на противпожарни возила, но староста е намалена само за една година. Сега има 284 возила, просечно стари 27 години – истакна директорот на ЦУК.
Во последните три години, вели тој, се расходувани 22 стари возила, а се набавени дополнителни 65 возила, но со просечна старост од 17 години. Поради тоа, просечната старост на сите противпожарни возила во земјава изнесува 27 години. Сепак, од 2020 година наваму, купени се или добиени се како донација дури 29 нови возила.
– Најстари возила, со просечна старост од 35 до 39 години, имаат четири противпожарни единици. Старо Нагоричане, која има две возила просечно стари 39 години, Кратово со просечно стари возила од 38 години, Валандово со 36 години просечна старост, Крива Паланка со просечно стари возила од 35 години.
Спротивно, најнов возен парк во земјава имаат противпожарните единици во Велес и Штип, чии возила се просечно стари по 12 години. Следните две единици, чии возила се просечно стари по 21 година се Берово и Демир Хисар, по кои следува Прилеп со просечна старост на возилата од 22 години.
Споредено со претходните две години состојбата со ТППЕ е подобрена.
Доброволни противпожарни друштва:
Во Македонија има вкупно 31 регистриран сојуз, од кои само 23 друштва се активни. Во моментов има 24 регистрирани противпожарни друштва со околу 1.400 члена, од кои активни се околу 500, што е под нивото на кое треба да биде државата бидејќи противпожарните друштва се соочуваат со недостиг од средства за опрема и функционирање како систем на организирани обуки и сертифицирање пожарникари. Д.Т.З.