Коле Манев
Секој ден, според редот на навиките, никогаш не излегувам од дома без оброк, таков ми е принципот, прво јадам потоа сѐ друго. По појадокот следува капучино, направено на француски апарат „крупс“, произведен во Кина, дури потоа одам на видување во центарот на населбата Ченто, да купам новина и нешто друго што ми треба за дома. Не можам да се жалам, во нашата населба има продавници, има банки и пошта, има пазар и здравствен дом, значи има сѐ! Постои и друга исто така важна причина зошто излегувам оддома дури и тогаш кога немам потреба од какво било купување. Речиси секој ден правам кратки прошетки за да ги раздвижам нозете, долго време стоење пред штафелајот не е многу пријатно, особено ако сте во некои поодминати години!
Тоа утро, од тој ден, само што излегов од железната порта, уште по првите чекори направени по тротоарот од улицата, ми се виде нешто чудно, дури би рекол многу чудно! Просторот околу мене, односно таму каде што живеам го знам, за тротоарот да не зборуваме, улицата преку која одам секој ден и да се измеша со други сто улици, нема шанса да ја промашам, веднаш ќе ја најдам која е, бидејќи нашата улица личи на мозаик од крпи. Едно парче е од асфалт, до него друго изработено од бетон, понатаму исто така бетон ама друга нијанса, меѓу ваквото шаренило и колорит има понекоја дупка. Нема предупредување, ама ако случајно одејќи ногата ви влезе во некоја од видливите дупки, ќе ви треба поприлично време да си ја извлечете ногата, се разбира по можност без последици. Тоа беше така до пред моето последно излегување од ома и одење кон центарот на населбата.
Тоа што ми се виде чудно е во тоа што денеска е сосема поинакво! На местото на старата колоритна улица има друга, преобразена во нова, со чист црн асфалт, рамномерно послан, тротоарите да ти е мерак да ги гледаш. Не како порано на едно место бекатон-плочки, до нив земја, до неа парче трева. Сега гледам чисто џам. И оградите стокмени, не криви-прави, сега фишек рамни. Фасадите од градбите поубави, внатре се гледа, луѓето спокојни и задоволни секој во своето катче, расправии за што било нема. Апсолутна тишина, да се чудиш! Дворовите средени чисти, според сите еколошки стандарди, со посадена зелена трева и израснати украсни дрвја и таму каде што до пред некое време немаше такви убави нешта!
Која е причината што мене така ми се гледа, вистина ли е ова или мене нешто ми се причинува, се запрашав себеси. Да е нешто од замор, не е, синоќа добро спиев и по такво квалитетно спиење никогаш не ми се случило да гледам вакви квалитетни и убави работи. Секогаш се трудев, и сега се трудам, нештата да ги гледам од објективната, реалната страна, што според здравата логика треба да е некаков квалитет.
А да си прошетам до пазарот и местото каде што купувам весник, да проверам дали и таму ќе гледам вакви убави работи или ќе биде како и досега иста слика иста прилика, се реков во себе. Речено сторено, продолжив да одам кон пазарот и сѐ друго што постои околу него. Гледам исто како и во мојата улица, и во овој дел од населбата има промени на подобро! За чудо, видов контејнери што не се валкани, расфрлани картони и пластики нема, сѐ сместено во контејнерите, тротоарот под нив чист да се огледаш во него! Малку и се загрижив, толку нагли промени не би сакал да ни се случат! Промени да има, ама со усул, полека, полека и разумно, не вака бум и сѐ средено. После што ќе работиме? И без никаква работа нема да чини, ќе ги изгубиме навиките за работа, во име на вистината немавме многу работни навики, ама, колку-толку, нешто подработувавме.
Кога дојдов до пазарот се почувствував како Алис(а) во земјата на чудата, како да се преселив во друг свет, среден, убавина блика од сите страни. Тезгите на пазарот средени, доматите на едно место, краставиците на друго, пиперките на трето, а продавачите љубезни како и порано, тие што држат тезги отсекогаш беа односливи и културни колку што треба, на пазар не може да се продава голема култура, ама сега велат земете домати, пиперки, кромид и праз, ако немате пари сега, ќе платите другпат, кога ќе дојде пензијата, дотогаш без гајле!
Кога се случило вакво нешто кај нас? Никогаш! Ама сега ете се случува, тоа значи како да сме влегле во правиот пат, во вистинскиот, во насоката што е полна со божествена благосостојба и висока европска демократија! Не мора да биде европска, нека е и наша балканска, не треба да си ги потценуваме нашите демократски вредности, какви се, наши се.
За среќата или несреќата да биде уште поголема, и во градот иста состојба, од убаво поубаво. Кога градот ви е убав, среден, со високи кули, кои ставени една до друга не пропуштат ништо, дури и ветерот го запираат, тоа ти се вели природна интелигенција што се шири и низ целата држава, која почнува да личи на рајска градина!
За ваквата прецизно изработена идилична слика некој може да помисли дека сонувам без да спијам! Ама не е така, јас не спијам, па така и не можам да сонувам! Ова е сонот на бумбарот, за кого се вели дека го сонува само тоа што му се кажува и ветува. Од кажаното и ветеното бумбарот има практична навика, врши селекција, го одбира само тоа што му одговара и си живее во лажен свет! Истото тоа ни го правеше нам, на граѓаните, поранешната власт, сегашна килава опозиција. За тоа што го направија, ја изораа, ограбија и разнебитија државата ги казнивме на избори, ама изгледа дека сѐ уште не им доаѓа умот. Не дека опозицијата не треба да критикува, секоја асална држава има потреба од силна опозиција! Ама чекај, бре, не може предвреме да ја критикувате новата власт за работи што требаше вие да ги направите додека бевте на власт! Тогаш, сегашниот водач на СД(с)М, со силни мотори крстосуваше низ државата, со тој претходниот, кој кажуваше ќе јаделе живи луѓе и додека ја џвакаа државата, мислеа сме своевидни бумбари и ќе сонуваме дека живееме во земјата на чудата!
И тој другиот, (етничкиот) водач, тој се заканува со протести во октомври, ако како „победник“ не му ја понудиме повторно власта за мирно и спокојно да продолжи да се засладува со сонот на бумбарите! Овие дури и со маските на Мефистофел мислат уште еднаш ќе поверуваме во приказната за сонот на бумбарот. Толку забегаа, не знам дали ќе најдат сили во себе да излезат од ваквиот погрешен сон! Господа, реалноста е друга, разбудете се дури е време. Поразот ќе треба да го издржите, за криминалот што го направивте ќе треба да одговарате, бидејќи тоа се ваши дела. Секој обид да му го припишете на друг ќе биде бескорисна работа, ве препознаваме по маските. Додека бдеете за сонот на бумбарот, новата власт покажува резултати. Опрај таму, среди онаму… Другарчиња, колку и да не ви се верува, ќе нѐ биде!