Штрајкот на членовите на Синдикатот за образование, наука и култура ќе трае додека не се најде соодветно решение, истакна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, додавајќи дека од утре е предвидено наставниците да престојуваат во заеднички простории договорени со директорите на школите и градинките, и оти нема да извршуваат воспитно-образовни и згрижувачки активности.
Претседателот на СОНК очекува преговорите со Владата и министерствата да почнат уште утре или најдоцна до вторник, апелирајќи до колегите да бидат истрајни во барањата за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4. Тој ја повика Владата да го одврзе ќесето и да ги исполни барањата на СОНК, за што поскоро да започне наставата.
Неделков нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но и оти никој нема право да ги присилува вработените да прифаќаат деца за време на штрајк. Одговорност за прифаќање на децата кои евентуално ќе дојдат во училиштата или ќе бидат донесени во градинките, според Неделков, ќе имаат директорите на образовните установи. Министерството за образование и наука преку соопштение денеска порача оти мора да се организира настава и за време на штрајк.