Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука денеска во седиштето на Синдикатот одржаа уште една средба за преговори за повисоки плати и за колективните договори во основните и средните училишта во рамки на новиот десетдневен рок за усогласување на отворените прашања со посредство на помирувач.
По двочасовната средба не беа соопштени детали од средбата, а нова ќе имаат в петок. Синдикатот утре ќе има средба со Министерството за труд и социјална политика на која, како што наведуваат од МТСП, ќе биде отворено прашањето за Колективниот договор за предучилишни установи, кој истекува во јуни, како и прашањето за постојното законско решение во делот на исплата на плати.
Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за усогласување на платите со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК.