Порака со сочувство за трагедијата во Кочани, испратил вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до митрополитот Брегалнички Иларион, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Вселенската патријаршија, Вартоломеј „му се моли на Бога за успокојување на душите на жртвите и да ги поддржи нивните семејства, како и да помогне во брзото закрепнување на здравјето на повредените“.
-Исто така, изразува сочувство и поддршка од светата голема Христова црква и лично од него до народот на Северна Македонија, кој е погоден од трагедијата – соопштија од Вселенската патријаршија.
Бугарскиот Патријарх г.г. Даниил во телефонски разговор со архиепископот Охридски г.г. Стефан изразил сочувство за трагедијата во Кочани
Бугарскиот патријарх г.г. Даниил, вчера остварил телефонски разговор со архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во кој поглаварот на Бугарската православна црква изразил најискрено сочувство по повод трагичниот настан во Кочани.
– Патријархот Даниил го увери својот брат дека православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени. Болката и страдањето што во овој момент ги доживуваат нашите браќа и сестри од Северна Македонија се во исто време и наша болка и наше страдање, истакнал бугарскиот патријарх – соопшти Бугарската патријаршија.
Архиепископот Стефан, се посочува, им се заблагодарил на православните христијани од братската Бугарска православна црква за нивното сочувство и молитви во овој трагичен момент за цела Северна Македонија.
– Нека преку молитвите на нашиот небесен заштитник и посредник, Пресвета Богородица Богородица, Господ наш Исус Христос им подари благодатна сила, храброст, вера и надеж на нашите браќа и сестри Македонци во ова страшно искушение – стои во соопштението.