Собранието попладнево повторно продолжи со работа за утврдување на дневниот ред на 71. седница, а во тек на продолжението од околу еден час, дел од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно бараа промени на дневниот ред, односно дел од точките ставени подолу на листата да се најдат меѓу првите точки за разгледување.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара едночасовна пауза со објаснување дека треба да им биде доставен дневниот ред од 71. собраниска седница, со цел да имаат увид на предлозите и точките за гласање.
-Во овие два дена не успеавте предлог дневен ред да ни дадете за да знаеме на што да се повикуваме. Дополнително колегите, борејќи се со дневниот ред ќе згрешат, а вие се смеете на предлозите и не кажувате за што точно станува збор. За да ви помогнам со дневниот ред, согласно член 81 став 2 барам еден час пауза и замолувам во тој еден час да доставите предлог дневен ред-посочи Мицевски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери појасни дека членот 81 има и став три што вели дека кога во предложениот дневен ред ќе се извршат повеќе изменувања и дополнувања, утврдениот дневен ред на пратениците им се доставува за време на траењето на седницата, по што објави едночасовна пауза.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од вчера во законодавниот дом почнаа „Активна блокада за национален спас“.