Над 1,8 милиони денари (околу 30.000 евра) се собрани на хуманитарната аукција на уметнички дела за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани – соопшти иницијативата „Супорт Кочани“.
Во организација на оваа иницијатива, акуцијата се одржа во кочанскиот културен центар „Бели мугри“, а сите средства ќе бидат донирани на семејствата на 62-те жртви и околу 200 повредени во пожарот на 16 март.
На вчерашната аукција се наддаваше за над 140 дела и ракотворби од уметници од целата земја, кои уште неколку дена ќе бидат изложени во „Бели мугри“ со цената по која се купени и нивниот нов сопственик.
На аукцијата учествуваа и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, в.д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, лидерот на СДСМ Венко Филипче, пратениците Павле Арсоски и Миле Лефков, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и мал број локални бизнисмени.
На 4 мај, во знак на почит кон загинатите во Кочани ќе се одржи велосипедска тура „62 километри“, ќе се вози по стариот пат во правец на Штип и назад, во должина од 62 километри.