Фото: Маја Јаневска Илиева

Со традиционално закројување на виновата лоза, во винарницата „Стоби“ денеска беше одбележан големиот христијански празник Св. Трифун – заштитникот на лозарите и винарите.

Празникот, кој симболично го означува почетокот на новата лозарска година, се слави со молитва за здрав род, бериќет и успешна берба. Пригодна богослужба одржа свештено лице од Повардарската епархија.

Првото закројување како и секоја година го сторија сопственичката и главна менаџерка на „Стоби“, Ана Јорданова, заедно со Минчо Јорданов, а потоа ги повикаа сите присутни гости да се приклучат во закројувањето, за годината да биде родна.

Јорданова, истакна дека овој ден има особено значење за сите што живеат од лозарството и винарството.

– Денеска е голем ден за сите винарници, произведувачи на грозје и вино во Македонија и пошироко. Во молитвата која ја читаме секоја година го молиме Бога да нè заштити од штетници, да даде голем род и бериќет. Мојата желба е иста – да даде Бог добра берба и сè да функционира како што треба – рече Јорданова.

Таа додаде дека прославата во „Стоби“ има семеен карактер.

– Ова го правиме повеќе како фамилијарна слава отколку како формален настан. Тука се нашите најблиски пријатели и соработници, ќе наздравиме со чаша вино и ќе го одбележиме празникот – посочи таа.

Главниот енолог на винаријата, Андон Крстевски, објасни дека закројувањето има силна симболика.

– Со закројувањето на тие навидум мртви, кафеави прачки, им вдахнуваме нов живот. Со пресекувањето започнува новата реколта. Желбите и молитвите се да добиеме здрав, богат род и квалитетно грозје – истакна Крстевски.

Тој додаде дека овој ден винариите го користат и како можност за дружење со гости и пријатели.

– Сè е во знакот на лозата и на виното. Се пие вино, се слуша добра музика, се раскажува за минатите берби и се прават планови за следните – нагласи енологот.

Св. Трифун традиционално се слави на 14 февруари и претставува еден од најзначајните празници за лозарите во Македонија, симболизирајќи нов почеток и надеж за плодна година. Д.Ст.