Во последните две децении Свети Валентин, како празник на љубовта и заљубените, масовно се одбележува и кај нас. И некои ќе кажат се е тоа копија на западноевропските земји. Но, дали е погрешно да се слави едниот празник, за сметка на другиот и обратно?
Дали денеска ќе го славите Свети Валентин, денот на заљубените, или, пак, денот ќе го поминете во друштво со чашка добро вино и ќе наздравите во чест на Свети Трифун? Младите ќе го слават Свети Валентин, а повозрасните Свети Трифун. И секој 14 февруари сите се со истата дилема. Кој празник да се слави?
Во последните две децении Свети Валентин, како празник на љубовта и заљубените масовно се одбележува и кај нас. Речиси и да нема продавница, кафуле кое не е обоено во црвена боја и со разни предмети во форма на срце. И некои ќе кажат се е тоа копија на западноевропските земји. Но, дали е погрешно да се слави едниот празник, за сметка на другиот и обратно?
МПЦ ги одбележува двата празника
Многупати се поставува една поделба дека православните треба да го слават само Свети Трифун, а католиците само Свети Валентин. Свети Трифун е празник што е дел од православната традиција и се празнува според календарот на МПЦ-ОА. Во Македонија овој ден е проследен со разни обичаи во разни краеви од земјата, а во главно по обредното закројување на лозјата.
Според народните обичаи и верувања, Свети Трифун се смета за заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи. Сепак, теолозите велат дека и двајцата светители се дел од христијанството и се еднакво признаени и кај православните и кај католиците. Православната црква го слави и Свети Валентин, но не на 14 февруари, туку на 19 јули и на 12 август.
Кои всушност биле Свети Трифун и Свети Валентин?
Свети Трифун бил од од селото Кампсада, во областа Фригија во Мала Азија. Тој пораснал како беден гускар. Кога бил млад им помагал на сите, а Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Ја излекувал дури и ќерката на царот. Потоа царот богато го наградил, а тој сето богатство им го раздал на сиромасите, им се придружил повторно, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва, и да им прави добро на луѓето.
Кога дошол друг цар на престолот, чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата, а тој додека го мачеле го славел Бога, што му дало можност да страда за Христа и за верата христијанска. Главата му била отсечена на 14 февруари.
Во истото тоа време кога живеел свети Трифун во Азија – на Исток, во Италија, на Запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни. Бил и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како и свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, па Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир и им служел на Бога и на народот без страв, и не само тајно туку и јавно, пред сите, говорел за верата. Царот наредил да биде измачуван и убиен овој свештеник.