Со традиционалното василичарско оро на сред село и палење на маските во центарот на Вевчани, заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал.
Вевчанци, според преданијата, симболично го избркаа злото и со желба за здравје и бериќет ја дочекаа Новата година, по Јулијанскиот календар. Претходно двете василичарски друштва Горна и Долна маала ги посетија сите куќи чиј домаќин го носи името на Свети Василиј.
Палењето на маските, како што тврди василичарот Сашо Бетоски, е наметнат ритуал и василичарите не го прифаќаат.
– Ние како василичари не го викаме палење на маските, туку ослободување од товарот што василичарите го носат два дена. Некој низ годините ги запалил маските што ги носеле и било пренесено како палење. Надворешно е прифатено, за нас василичарите не е палење на маските. Ние маските си ги чуваме. Изложени се во горно маалските и долно маалските конаци, да можат да ги видат посетителите- вели Бетоски.
Вевчанци, посочува, уште од утре ќе почнат да размислуваат во што ќе се маскираат идната година.
Во фокусот на Вевчанскиот карневал и оваа година беа актуелните состојби во земјава и светот. Поворката ја предводеа традиционалните маски со зетот и невестата заштитувани од ѓаволи и глупави августи, веднаш зад нив одеше оркестарот со зурли и тапани. Маскирани во групи на сатиричен и уникатен начин во релаксирана атмосфера во кабинетот на поранешниот вицепремиер Артан Груби фудбал играа поранешните министри на ДУИ, кои со себе го носеа и куферчето од Државна лотарија на Македонија, а премиерот Христијан Мицкоски им даде црвен картон. Низ вевчанските улици продефилира и екс директорот на УБК Сашо Мијалков со црвеното ферари. Вевчанци на сатиричен начин побараа и враќање на старото уставно име Република Македонија на личните документи, не го заборавија ниту бегството на екс вицепремиерот Артан Груби. Дел од маските беше и Бугарски администратор, Планетата на мајмуните, инспирирани од истоимениот филм, веселата „Вевчанско вече“, тимот на вевчанската женска фудбалска репрезентација, како и карактеристични маски со чудовишта, принцези, снежни кралици, новогодишни елки….
Вевчанскиот карневал, со традиција од околу 15 века, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.