Со традиционалната крводарителска акција, со која вработените уште еднаш ги потврдија хуманата мисија и професионалноста, првата приватна општа болница „Ре-медика“ денеска го одбележа седумнаесетиот роденден.
Проф. д-р Андреја Арсовски, медицинскиот директор на болницата и торакален хирург истакна дека му е чест да го честита Светскиот ден на здравјето, 7 Април на сите здравствени работници и на сите пациенти и порача да го чуваме и штитиме здравјето на секој од нас.
„Ре-медика“ како здравствен систем е изградена со големо внимание и почит кон здравствените потреби на пациентите, според врвни стандарди. Тоа ја прави болница-пријател на своите пациенти.
– Навистина можеме да се гордееме со постигнатото високо ниво на здравствена услуга. Пред сè од аспект на развојот на медицина, примена на нови и современи методи, користење на нова и најсофистицирана апаратура, на најсоодветен начин, како и во дијагностиката и во терапевстките третмани. Се грижиме за постојано унапредување на едукација на кадарот кој работи овде. Тоа е навистина неминовен предуслов да имате следење на високото ниво на квалитетот на пружање на медицинските услуги – рече проф. Арсовски.
За 17-те години работење, тој истакна дека е задоволен не само со квантитетот на услугите, туку и поради нивниот квалитет.
– Тоа секогаш било поголем императив во однос на нашето работење. За нас не е битен само обемот и квантитетот, туку и квалитетот. Со тоа сме препознатливи не само во нашата средина, туку и пред други болници во нашето опкружување и пошироко. Имаме високото ниво на стручност и на квалитет, комплементарност за многу третмани, што значи да добиете комплетна услуга за повеќе аспекти кои одредено заболување ги бара. Она по што мислам дека во целиот период сме препознатливи е домаќинскиот однос, однос на почитување на пациентот, на неговата најблиска околина, семејство, како и на адаптирање на цените на можностите на нашите граѓани, без правење на непотребни трошоци, како и со дефинирањето на пакетите кои овде пациентите ги добиваат. Сакам да го истакнам и срдечниот однос на нашиот персонал со пациентите, по кој сме препознатливи. Тие можат задоволни да си заминат од кај нас – вели професорот.
За наредната година планираат усвојување и воведување на нови методи во работењето, нова апаратура и прошишување на палетата на услуги.
– Сè уште работиме во пандемиски услови, а и политичките и економски случувања ги допираат и нашите граѓани и нашата економија, па влијаат и врз нашата струка. Ние тоа го имаме предвид и се прилагодуваме на условите, а планираме понатамошен развој на квантитетот и на квалитетот на медицинските услуги. Планираме развој на баријатриска хирургија, воведување новини во урологијата, особено поврзани со реконструктивни зафати, кои за прв пат се изведуваат во нашата држава и секако тоа не е се, а пациентите, како и до сега, ќе ги информираме за новините – додава проф. Арсовски.
„Ре-медика“ е пример за тоа како може да се покаже морална одговорност кон заедницата за зголемување на крвните единици што ќе овозможат да се спасат повеќе животи. Оваа акција се спроведува во соработка со Црвен крст на град Скопје, Црвен крст на општина Гази Баба и Институт за трансфузиона медицина. Н.Б.З.