Денеска во Скопје со серија панел диксусии се одржува вториот ден од Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
На Саемот, последователно ќе се одржат пет тематски панел дискусии: „600 милиони евра за развој и локален прогрес“, „Четири години инвестиции во инфраструктурата“, „Граѓаните главни во носењето на одлуките во општините“, „Меѓународна соработка за развиени општини“ и панел дискусијата „Локалната и централната власт за тебе“.
На отворањето на настанот вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски истакна дека за секој еден збор што го кажува е подготвен да зборува и со дела, осврнувајќи се на се она што е направено за еден мандат локална власт.
Мицкоски укажа дека за разлика од владата на СДС и ДУИ, оваа сега предводена од ВМРО-ДПМНЕ е партнер на општините.
-За тоа како изгледа поддршката на централната власт на општините најдобро се гледа и во инвестираните 500 милиони евра за капитални проекти за локален развој за општините. За само една година по преземањето на одговорноста на централната власт се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повици. На последниот втор повик имаше 887 од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти по општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи – нагласи Мицкоски.
Мицкоски испрати и пораки и за претстојните локални избори, порачувајќи дека на овие избори е сосема извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и овие избори во најголемиот дел ќе се решат работите уште првиот круг.
-И тоа го говорат анкетите, но и нашето чувство кое го имаме изградено врз нашето искуство од комуникацијата со граѓаните. Но, сакам да кажам дека секоја победа мора да се заслужи со работа и со чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција – вели Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на тоа какви треба да бидат градоначалниците.
-Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар. Градоначалникот мора да биде работлив, чесен и достоен – човек што ќе ја носи довербата како најголема чест, а не како лична привилегија. Градоначалникот мора да биде секој ден со граѓаните – во улиците, во маалата, меѓу луѓето. Прв да дојде на работа и последен да замине. Градоначалникот мора да биде транспарентен – секоја потрошена пара да биде јасна, секоја одлука да биде за општото добро. Градоначалникот мора да биде одговорен – затоа што секоја негова одлука го менува животот на илјадници луѓе – посочи Мицкоски.
Според Мицкоски, токму такви луѓе им требаат на граѓаните и додаде „не политичари што мислат на следниот изборен циклус, туку градоначалници што мислат на идните генерации, што исполнуваат“.