Фото: Нова Македонија

Со ребалансот за 2025 година ќе се обезбедат дополнителни 155 милиони денари за субвенции и поддршка на туризмот, како и 145 милиони денари дополнителни средства за Агенцијата за филм.

Како што соопшти денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со измената на Законот за игри на среќа што е во владина процедура, за развој на туризмот ќе се добиваат четири проценти од уплатените давачки за игри на среќа, а Агенцијата за филм ќе добива три отсто.

– Овие дополнителни средства претставуваат силен инпут за развојот на овие два силни сектора. Ова е нешто што го ветивме и пред да дојдеме на овие позиции и посебно сум среќен што за една година ги завршивме сите процедури – нагласи Љутков кој дава отчет за сработеното.

Откако најпрво се осврна на културата, Љутков информира и дека во делот на туризмот се реализираат низа активности за значително унапредување на секторот. Во напредна фаза е, рече, процесот за комплетно преземање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која за околу еден месец се очекува веќе да не постои.

– Почнавме со спроиведување серија институционални реформски организациски мерки со цел подобра функционалност и координација на секторот. Се екипираа два нови сектора во Министерството, а се формираат и работни групи со претставници од првиатниот туристички сектор за креирање ефективна развојна програма за 2026 година со активна промоција на културниот и транзитниот туризам – подвлече Љутков.