Фото: ЦУК / Илустрација

Пожарот во Мариово се уште се гаси. Претпладнево беше најкритично кај селото
Крушевица и гори од две страни. На терен за гаснење се околу 150 луѓе, а има и поддршка од авион.

– Се води битка пожарот да не слези во селото Крушевица. Ветрот што дува кај
Пештани повторно го разгори огнот. Се прават напори да се заштити селото. Пожар има кај репетиторите во близина на селото Штавица. Повеќе екипи ќе бидат насочени кон гаснење на огнот. На терен има ангажирано 50 припадници на АРМ, 30 од специјалната полиција и пожарникари. Веќе неколку дена заседаваме во врска со пожарот во Мариово на Кризен штаб. Во контакт сме со градоначалникот Борче Јовчески, кој е службено отсутен од градот, но е запознат со целата состојба – изјави Ирена Стерјоска Локвенец, претседател на Советот на општина Прилеп и началник на кризниот штаб во Прилеп, при тоа заблагодарувајќи се на помошта од противпожарни единици од повеќе градови од Македонија.

Од синоќа пожар има и над манастирот Прилепец, по сртот на Селечка планина. Се
преземаат мерки за негово гаснење.
Пламените јазици во Мариово, досега, велат од општина Прилеп, опожариле околу
10.000 хектари со линија на зафатеност од 20 километри. За среќа, според информациите од Центарот за јавно здравје, квалитетот на амбиенталниот воздух во Прилепско е во рамките на нормалата.

Ка.М