Бришењето на македонскиот јазик и идентитет од извештајот за Македонија, на Европскиот парламент, под диригирано влијание на Бугарија, претставува срамна страница во историјата на Европскиот парламент и тежок удар врз самите темели на Европската унија, темели изградени врз човекови права, еднаквост, недискриминација и почитување на различноста, оценува лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, во интервју за весникот „Македонија“ од Канада.
Според него, наместо да биде заштитник на овие вредности, „Европскиот парламент, со овој чин, се покажа како заложник на балкански национализми и уценувачка политика“.
Додава дека Европската слободна алијанса (ЕФА), политичката група која ги претставува малцинствата во Европскиот парламент и каде членува МАЕИ, заедно со ОМО „Илинден“-Пирин, јавно реагирале на игнорирањето на македонскиот народ и предупредиле на опасноста од создавање на преседани кои ги поттикнуваат негирањето и асимилацијата.
-Со попуштањето пред националистичките барања на Бугарија, ЕУ испраќа погрешна порака дека нејзините институции се немоќни или незаинтересирани да ги заштитат правата на малцинствата, особено македонското малцинство во Бугарија, кое со децении се соочува со системска дискриминација, политичко исклучување и целосно непостоење во правниот поредок на државата. Тоа не е само неправда, тоа е срам за демократијата- нагласува тој.
Посочува дека истите тие механизми на притисок, Бугарија ги користи и во однос на Албанија, условувајќи го европскиот пат на земјата со барања кои директно се насочени кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и културно наследство.
Наместо европски дух и соработка, сме сведоци на обиди за политичка уцена и асимилација. Но, Македонците, без разлика каде живеат, не се и нема да бидат народ без глас. Нашата борба за правда, еднаквост и признавање ќе продолжи, со уште поголема решеност, на секое можно ниво, од локално, до европско, порачува Стерјовски во интервјуто што го дава пред неговата посета на Македонците во оваа земја, по повод големиот празник Илинден.