Македонија како држава и општество добива сигнали дека може да започне постапка за враќање на своето културно наследство. Тоа е во согласност со последните светски примери кога голем број музеи вратија дел од артефактите кај матичните народи или држави, како и упатствата на УНЕСКО за враќање на културното наследство и артефакти. Но враќањето на вредните македонски артефакти ќе зависи и од формирањето силна политичката волја, упорност и доследност, при што процесот би траел и со децении

Се воспоставува меѓународна клима што фаворизира враќање на украдените културни добра

Низ светот, во музејските витрини и депоа се сместени голем број артефакти од други земји, народи и култури. Не случајно во англиските, француските, италијанските, германските, американските музеи итн. може да се види туѓо културно наследство, кое е присвоено на контроверзен начин, кога во име на археологијата беа приграбени вредни артефакти. Контроверзноста од овие постапки е очигледна, ако се земе предвид дека на овој начин многу народи и култури беа лишени од своето културно наследство, со што на индиректен начин беше обезличен нивниот културен и национален идентитет. Најмногу беа засегнати поранешните колонијални земји, како што се Индија или Ирак, кои беа лишени од нивното античко културно наследство, но слична е и состојбата во Македонија кога во име на балканските национализми и панславизмот беа изнесени значајни артефакти надвор од македонското тло. Познавачите на состојбите посочуваат дека од страна на надлежните македонски институции треба да се направи детален попис за сѐ што е изнесено надвор од Македонија за да се утврди фактичката состојба. А од друга страна, Македонија како држава и општество може и треба да започне постапка за враќање на своето културно наследство. Ова е во согласност со последните светски примери кога голем број музеи вратија дел од артефактите кај матичните народи или држави, како и упатствата на УНЕСКО за враќање на културното наследство и артефакти. Но враќањето на вредните македонски артефакти ќе зависи и од македонската политичка волја.

Политичка волја, одлучност, упорност во континуитет

Поради одредени историски и политички околности, Македонија во изминативе векови беше лишена од голем број артефакти и значајно подвижно културно наследство. Особено е поразителен фактот дека во име на одредени идеологии, голем број македонски цркви и манастири беа лишени од значајни икони, позлатени црковни одежди, крстови, круни на владици, средновековни ракописи, но и цели ентериери на црквите и на манастирите, како што се значајни резби од познати македонски копаничари.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од културното наследство на Охридската архиепископија се наоѓа надвор од Македонија. Тука може да се посочат инсигниите на охридскиот епископ, вклучувајќи ја и неговата круна, кои се наоѓаат во Софија, но и фактот дека од охридскиот манастир „Свети Наум“ биле присвоени повеќе вредносни старини, плаштеницата извезена со злато, позлатен путир, сребрена кутија со свети мошти од разни светци, две старословенски евангелија со корици од сребро итн.
Според одредени информации, од охридската црква „Свети Климент“ биле однесени во Бугарија – плаштеница на Андроник Палеолог, златна митра на Свети Климент со бесценети камчиња и со крвче, реставрираниот жезол на Свети Климент со змија од слонова коска, царските двери од црквата, бронзениот полилеј што бил составен од 19 дела итн. Треба да се спомене дека и околу сто икони се извадени и ограбени од црквата „Света Петка“ во селото Маловишта, а од манастирот „Свети Илија“ во Драгош исто така биле однесени 25 икони.
Покрај ова, четирите златни маски и други значајни артефакти од т.н. требенишки гробници се во музеите во Софија и Белград, како и илјадниците средновековни ракописи со македонска варијанта, кои се наоѓаат низ Европа.
Според познавачите на оваа проблематика, податоците се поразителни, но поразителен е и фактот дека Македонија како општество досега има направено малку за враќање на македонското културно наследство. Постои законска рамка, но недостига правилник што точно ќе ги утврди начинот и постапката за враќање на македонското културно наследство, велат нашите соговорници.
– Потребата од донесување правилник е нужна, бидејќи на тој начин ќе се знае постапката, но и кој ќе ја има ингеренцијата за враќање на културното наследство. Но во овој момент, најважно е да се има политичка волја и одлучност од македонска страна за ова прашање – заклучуваат нашите соговорници.