Со одлична динамика се одвива изградбата на автопатот од Прилеп до Битола, а очекувањата се оваа автопатска делница од коридорот 10 -д да биде целосно завршена до крајот на 2027 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервјуто за ТВ Њузмакс Балкан.
– Веќе го пуштивме во употреба експресниот пат Градско-Прилеп, односно потегот Градско-Дреново-Фариш, а размислуваме да го споиме и Фариш со Прилеп со експресен пат или автопат, што ќе ја отвори централна Македонија. Тоа е делот од државата кој што најмногу придонесува во БДП, таму се произведува 80 отсто од електричната енергија што ја произведуваме како држава, над половина од земјоделското производство, тука е мермерот, тука се едни од најголемите фабрики и комбинати кои ги има Mакедонија.Ова беше запоставен крај, а сега целосно се отвора овој крај и кон Скопје и кон соседните земји – истакна вицепремиерот Николоски.
Како што информира Министерство за транспорт, во однос на врската на коридор 10 -д, вицепремиерот потенцирал дека со изградбата на оваа патна мрежа, кoридорот 10-д ќе стане алтернатива за патување кон соседна Грција за голем број патници кои патуваат на релација Виена преку Будимпешта-Белград-Скопје-Атина со што ќе се скратува патувањето за еден час.