Фото: Нова Македонија

Со измени на Законот за градежното земјиште ќе се воспостави ред во линиската подземна инфраструктура (оптички кабли, телекомуникациска мрежа, водоводни и канализациски системи, гасоводни мрежи, нафотводи итн.) и првпат ќе се овозможи нивно впишување во евиденцијата во катастарот на инфраструктурни градби во Агенцијата на катастарот за недвижностите, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.

На предлог на Министерството за транспорт, Владата усвоила измени на Законот за градењето и на Законот за градежното земјиште, со кои, според ресорното Министерство, се поттикнува економскиот развој на државата и општините, се озоможува подобри и поквалитетни услуги за граѓаните и се овозможува рационално користење на јавните добра.

Целта на измените на Законот за градежното земјиште е да се има јасен увид во целокупната линиска инфраструктура во државата заради соодветно и рационално планирање нови градби од овој тип.

Со овие измени се овозможува и општините да може да располагаат со градежното земјиште предвидено со урбанистички план за технолошко-индустриските зони сè со цел локалните самоуправи да имаат економски развој и можност за домашните компании полесно да ги реализраат своите инвестициски планови. Дополнително, со измените се врши усогласување на Законот за градежното земјиште со Законот за урбанистичкото планирање.

Со измените на Законот за градењето, пак, се предвидува подобрување на условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании, а преку тоа и поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.

Дополнително, со измените во Законот за градењето се подигнува нивото на квалитет на технички преглед на градбите од прва категорија преку зголемување на критеруимите за формирање комисија за технички преглед и професионален пристап за спроведување на техничките прегледи на градбите од прва категорија, информира Министерството за транспорт.