Потребна е промена на навиките, како и исполнување на времето со нови активности, за уживање во пензионерските денови. На тој начин би можело да се избегне создавањето незадоволство, честопати проследено и со влошување на здравјето во третата доба, истакнува психологот Марија Миркуловска
Повод: Завршувањето на работниот век како почеток за нови предизвици
Пензионирањето претставува голема пресвртница и еден вид крстопат во животот. Се очекува со нетрпение, но често и со нејасни животни планови. Кога ќе настапи пензионирањето, се стекнува време за фокусирање на себе и на блиските луѓе, за почнување хоби или нова активност, но ненадејниот прекин на работните обврски по неколку децении може да донесе и одредени животни предизвици и кризи, па за многумина не претставува повод за радување. Психологот Марија Миркуловска советува дека е потребна промена на навиките, како и исполнување на времето со нови активности по прекинот на работниот однос, за уживање во пензионерските денови. На тој начин, според неа, би можело да се избегне создавањето незадоволство, честопати проследено со влошување на здравјето во третата доба.
– Иако пензионирањето е награда за долгите години напорна работа, доколку не се направат соодветни подготовки за пензионирање и доколку пензионерскиот живот не се компензира со други активности, доаѓа до одреден степен на влошување и на физичкото и на менталното здравје, односно социјална смрт. Пензионерот мора да ги промени начинот на живот и навиките, односно времето што го поминал на работа да го исполни со нови активности – истакнува психологот Марија Миркуловска.
Според истражувањата, некои луѓе чувствуваат дека се откажале од дел од сопствениот идентитет, иако пензионирањето е еден од неизбежните животни настани.
– Отпрвин, пензионирањето на луѓето им изгледа како бегство од секојдневните обврски, секојдневното патување до работното место или тоа што конечно ќе го нема „лошиот“ шеф изгледа како огромно олеснување. Но, сепак, многу пензионери по неколку месеци постојан одмор не се задоволни од тоа како им се одвива животот и го губат чувството за идентитет. Со пензионирањето на некој начин се менува и идентитетот, повеќе не сте личноста чие име е напишано на визит-картичката, ниту сте личноста чиј потпис е под е-поштата и затоа мора да се приспособите на новиот идентитет – вели Миркуловска.
Таа додава дека пензионирањето од работа е голема животна промена, која може да донесе стрес и депресија, но и придобивки.
– Предизвикот не е лесен, но наградува. Колку побрзо прифатите дека тоа е следното поглавје од вашиот живот, толку подобро ќе бидете подготвени да продолжите да уживате во пензионерските денови. Ако вашата работа била физичка и исцрпувачка, пензионирањето може да го почувствувате како ослободување од огромен товар. Но, ако сте имале работа за уживање и сте изградиле социјален живот околу вашата кариера, пензионирањето може да биде стресно, но не и непремостлива пречка за удобно и квалитетно продолжување на животот – истакнува Миркуловска.
Таа додава дека некои студии го поврзуваат пензионирањето со влошено здравје.
– Едно тековно истражување покажа дека пензионерите, особено во првата година од пензионирањето, имаат околу 40 отсто поголеми шанси да доживеат срцев или мозочен удар од оние што продолжуваат да работат. Затоа лекарите ги советуваат своите пациенти идни пензионери да се подготват психички и емоционално да уживаат во пензија – појаснува психологот.
Таа додава дека во многу развиени земји постојат организирани подготовки за пензионирање, каде што идните пензионери се учат на вештините за реорганизирање на нивните активности. На идните пензионери им се помага и им се нуди можност да го откријат и зголемат својот личен потенцијал за активност по полно работно време.
– За полесно и побрзо приспособување на пензионерскиот живот, сметам дека пензионерите треба да си направат листа на работи во кои ќе уживаат и со кои ќе си ги разубават и исполнат пензионерските денови, наместо да мислат дека пензионерскиот живот ќе им биде здодевен без дотогашните работни обврски – препорачува Миркуловска.
На листата предлози на психологот се: некое ново хоби, како сликање, риболов, градинарство, или пак патувања со својот партнер. Потоа посета на пензионерски домови и запознавање и дружење со нови лица надвор од дотогашниот работен круг или, пак, прифаќање на најблагородната пензионерска работа – чување на внуците.