Со прелети на борбени авиони и хеликоптери, како и со пригодна свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска се одбележа Денот на воздухопловниот ВИНГ од составот на Командата за операции.
Началникот на штаб на Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓорговски потсети дека воздухопловниот ВИНГ во изминатите триесет години помина низ повеќе фази на развој, но и дека од команда на Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана преку трансформација во воздухопловна бригада и ВИНГ, во континуитет успешно одговори на сите предизвици.
-Одбраната на воздушниот простор за секоја суверена држава претставува врвен приоритет, па така во изминативе три децении, генерации на оваа единица го дадоа својот придонес кон изградбата на капацитетите и способностите на македонското воено воздухопловство и против воздушна одбрана, истакна Ѓорговски.
Како главни задачи на ВИНГ-от врз кои ги развиваат способностите, бригадниот генерал ги истакна непрекинатото набљудување и откривање на закани од воздушен простор, откривање, рано предупредување и ангажирање на системи за ПВО базирани на земја, пресретнување и уништивање на цели во воздух и др.
Заменик командантот на ВИНГ, потполковник Игор Чкоров нагласи дека после 30 години воздухопловството во Армијата се наоѓа на пресвртна точка каде што интезивно се работи на осовременување и модернизација на единицата.
-Во тек е аквизација на нови повеќенаменски хеликоптери, како и ПВО системи, процес кој кога ќе биде завршен ќе им овозможи на новите генерации подготвено да излезат пред предизвиците кои ги носи модерното време. Дополнително Батаљонот за воздушно набљудување и јавување активно врши радарско покривање на воздушниот простор над целата територија на државата, во содејство со земјите членки на НАТО, појасни Чкоров.
Воздухопловниот ВИНГ го прославува 10 јуни како датум кога во 1992 година се случи првиот лет на воен екипаж од штотуку формираното македонско воено воздухопловство.