Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Со 75 гласа „за“ и без ниту еден „против“, Собрание на Република Македонија на денешната седница ја утврди потребата од донесување на Предлог-законот за Јавното обвинителство, со што законското решение ја помина првата фаза од собраниската процедура.

Во наредните денови за предлог-законот ќе се одржи јавна дебата во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Министерот за правда Игор Филков во своето образложение пред пратениците истакна дека новото законско решение предвидува сеопфатна модернизација на организацијата, надлежностите и функционирањето на обвинителскиот систем.

– Со овој закон создаваме услови за поефикасно, потранспарентно и поодговорно функционирање на јавното обвинителство. Нашата цел е модерен обвинителски систем кој ќе работи во интерес на граѓаните и ќе придонесе за поефикасна борба против криминалот и корупцијата – рече Филков.

Тој посочи дека реформата е резултат на процес започнат во ноември 2024 година, кога била формирана работна група со учество на експерти, професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и на меѓународната заедница, меѓу кои и ОБСЕ и Европска Унија.

Според министерот, во подготовката на законот се вградени препораките од Развојната секторска стратегија за правосудство, Реформската агенда, препораките на ГРЕКО, како и извештаите на Европска комисија.

Филков информираше дека предлог-законот бил доставен на мислење и до Венецијанска комисија, која дала позитивно мислење со неколку препораки што се вградени во финалниот текст.

Со новите законски решенија се воведува мерит-систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите, се зајакнува нивната самостојност и се подобрува организацијата на работата во обвинителствата.

Дополнително, се предвидува поголема транспарентност во изборот на јавниот обвинител преку јавна седница на Советот на јавни обвинители, презентација на програмите на кандидатите и јавно објавување на нивните биографии.

Законот предвидува и појасна дисциплинска постапка со рокови за постапување, како и мерки за спречување злоупотреби.

Од опозицијата, пратеничката Соња Мираковска од НСДП оцени дека предложениот закон не претставува суштинска реформа и дека со него се воведува силна хиерархија во обвинителството.

– Со вакво решение се нарушува принципот на независност на обвинителите и не се прави јасна граница меѓу организациската хиерархија и функционалната независност – изјави Мираковска, додавајќи дека опозицијата ќе предложи амандмани.

Пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија на Македонија оцени дека законот е добра основа за реформи, посочувајќи дека довербата во Јавното обвинителство е многу ниска.

– Со доверба од само два процента, тоа е нефункционален орган. Потребни се законски измени за да се подобри системот – рече Станковиќ.

На истата седница, Собранието ги усвои и Законот за органско земјоделско производство, како и Годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите за 2025 година.