Со 135 милиони денари ќе се реализираат три капитални инфраструктурни проекти во областа на образованието во исто толку општини, со што ќе се подобрат условите за настава на учениците, како и за работа на наставниците, соопшти Министерството за образование и наука.
Министерката Весна Јаневска денеска во Владата потпиша договори со градоначалниците на Кисела Вода, Битола и Валандово кои поднеле апликации за поддршка на проекти на вториот повик од инструментот за капитални инвестиции на Владата.
-Во општина Кисела вода со буџет од 33,3 милиони денари ќе се догради објект во рамки на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“. Во средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово ќе се гради затворен пливачки базен, за што се обезбедуваат 61,5 милиони денари, додека во основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола ќе се изгради нова спортска сала во вредност од 40,3 милиони денари – информира МОН.
Од Министерството нагласуваат дека унапредувањето на образовната инфраструктура е меѓу приоритетите на Владата и Министерството за образование и наука.
-Затоа што е еден од столбовите на квалитетот на образовниот систем, заедно со квалитетни учебници, наставни програми и мотивиран кадар. Во следните неколку дена ќе бидат потпишани договори за поддршка на инфраструктурни образовни проекти и со повеќе други општини, чии апликации беа прифатени преку владиниот повик – се наведува во соопштението на МОН.