Во Кривичниот суд Скопје денеска започна изведувањето на материјалните докази за случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Како што беше соопштено, смртта на Панче и Вања била насилна, предизвикана од огнестрелни рани.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска била жива кога било пукано во неа, кажа Обвинителството на денешното судско рочиште за убиството. Обдукциониот наод не покажал дека претходно била угушена. Пукано е од пола метар, одзади, понадесно. Таа се движела по кал пред да биде ликвидирана. Убиена е клечејќи. Имала кал под ноктите а и отисокот со врвот на патиките бил во истaта кал од под ноктите,
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска информираше дека проектилот пронајден во телото на Вања бил од боева муниција со 9 милиметри, произведен во 2002 година. Потоа беше наведен извештајот од обдукцијата, во делот за резултатите од земените брисеви од леплива лента од устата на убиената Вања. Утврдено било дека ДНК од лентата била од Вања и од Велибор Манев.
Обвинетиот Љупчо Палевски, пак, ја оспори валидноста на доказите, укажувајќи дека на лепливата трака не биле пронајдени папиларни линии кои можат да го поврзат со местото на настанот.
Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, обвинети за грабнување и убиство на свиреп начин на Панче Жежовски од Велес и на Вања Ѓорчевска од Скопје, воопшто не поднеле докази за нивна одбрана.
Во текот на судењето ќе бидат презентирани вкупно 197 докази, а досега биле сослушани 26 сведоци. Одбраната и обвинението ќе продолжат со изведување на доказите, кои вклучуваат и повеќе од 10.000 принт скринови од комуникација преку мобилни телефони.