Фото: Принтскрин

Раководството на М-НАВ треба да биде разрешено на утрешна седница на Владата, откако тројцата директори и Управниот одбор не дадоа оставки по насилниот упад на осуммина во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место.

– Ако Владата не го разреши раководството на М-НАВ, од 10 јануари контролорите на летање ќе стапат во штрајк на неодредено време и ќе го затворат небото над Македонија заради безбедноста на патниците – потврди денеска претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, кој истото го најави и на 5 јануари, ден по насилниот упад во радарската соба каде што е сместена обласната контрола на летање.

– Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите – изјави Тасевски за „Дојче веле“ и повтори дека Синдикатот има поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени.