Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека случајот со синот на заменик министерот за внатрешни работи се креирал не врз основа на факти, туку на одредени извори во МВР и шпекулации и дека „возилото воопшто не е стопирано од полиција и дека не е точно оти не застанало на полициска патрола и потоа почнала потрага по него“.
– Точно е дека во полицијата имаме јавување од страна на граѓанин дека одредено возило се движи со поголема брзина. Тој материјал е евидентиран, тој разговор е снимен. Воопшто не станува збор дека тоа е службено возило на СОЗР, ниту на кој било државен орган – изјави Спасовски во интервју за Канал 5 телевизија, одговарајќи на прашање за случајот во кој се тврди дека синот на неговиот заменик не само што направил сериозни сообраќајни прекршоци, туку потоа бил пуштен и од сообраќајната патрола.
Според Спасовски, возилото се води на правен субјект и дека не е на физичко лица.
– Во тој момент, возилото не било управувано од синот на заменик министерот. Овие работи ги тврди Внатрешна контрола, иако ние покренавме постапка во Внатрешна контрола за да видиме дали можеби тоа возило било службено бидејќи такви беа првичните најави. Се утврди дека возилото е „Мерцедес“, не е „Ауди“. Дадени се насоки од Внатрешна контрола и продолжуваат со повикување на сопственикот на возилото. Таа вечер ниту е сопрено возилото, ниту имало сопирање од страна на полициски службеници. Ние ги проверуваме сите факти и аргументи – изјави министерот Спасовски.