Отец Серафим од манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче за значењето на празникот Духовден
Христијанскиот празник Духовден, неговото значење и толкувањето како треба правилно да се празнува беа повод за разговор со отец Серафим од манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче. Тој вели дека пред Духовден, на Задушница, ние се молиме, извршуваме служби за упокоени, за сите оние што веќе преминале. Но на самиот празник, кој е светол празник за православните христијани, празнуваме исто како за денот на Воскресението Христово, како за денот на Рождество, денот на Богојавление. Тој ден е радосен за целиот род христијански. Во тие три дена, посветени на слегувањето на Светиот Дух, не се вршат никакви парастоси или помени на упокоените.
Кое е значењето на празникот Духовден?
– Празникот на Црквата, Духовден, е исполнувањето што го вети Богочовекот Исус Христос, укажувајќи дека по Него ќе слезе над родот човечки Духот Свети, третото лице на Пресвета Троица, Кој е Едносуштен со Отецот и Синот и заедно со нив сопрославуван. Тоа слегување на Светиот Дух по самото Божјо ветување всушност е милоста излеана на родот човечки, бидејќи Светиот Дух со Неговото слегување во Црквата, секогаш престојува во Неа и тоа ќе трае до завршетокот на светот. Мора да напоменеме дека слегувањето се случува во Ерусалим кога Светиот Дух слегува над апостолите, над нив се појавуваат огнени јазици и тие примајќи го, почнуваат да зборуваат на различни јазици, односно, јазици коишто ги разбираат луѓето што престојуваат таму, а потекнуваат од различни народи или племиња. Овде се сретнуваме со Господовите зборови дека Евангелието, благата вест за Божјото воплотување и раѓање, за спасението на човечкиот род, ќе биде проповедана по сите краишта земни, кај сите народи, на сите јазици, да не може никој да изостане, ниту да се оправда дека не слушнал за домостројот Божји, за човековото спасение. Овој ден, Слегувањето на Духот Свети, го нарекуваме и роденден на Црквата, бидејќи тогаш се востанови и полнотата, односно, се запечатува крштението човеково, опростување на гревовите на секој оној што ќе поверува и се крсти во Христовото име. Денес, исто така, народот Божји веќе не е сопственост на одредена група луѓе или етникум, туку тој народ се простира и умножува како христијански народ, од каде и да е, од кои било краишта на земјата, но со едно верување и едно исповедување во Духот Свети. Денес Црквата во полнота ја добива својата дефиниција – народот Божји (крстените и запечатените со печатот и дарот на Светиот Дух) собран околу својот епископ на света литургија (каде што лебот и виното се претвораат со посредство на Светиот Дух, во вистинско тело и вистинска крв Христова) и причестен.
Зошто народот го поврзува празникот Духовден со упокоените?
– Духовден, односно слегувањето на Светиот Дух, не може да се поврзе со упокоените. Тоа доаѓа од суеверноста на одредени луѓе, а особено во паганските обичаи поврзани со уверувањата за духот, душите човекови кога тие ќе преминат. Доаѓа до искривување на вистината поради спомнувањето на зборот дух. А всушност, при Бога нема умрени, туку сите се живи. Пред самиот празник Духовден го имаме денот Задушница каде што се молиме за упокоените души во Господа, а на самиот ден Духовден преку слегувањето на Светиот Дух над родот човечки и ним ќе им огрее светлина, односно утеха на местата каде што се наоѓаат. Значи, пред Духовден, на Задушница, ние се молиме, извршуваме служби за упокоени, за сите оние што веќе преминале. Но на самиот празник, кој е светол празник за православните христијани, празнуваме исто како за денот на Воскресението Христово, како за денот на Рождество, денот на Богојавление. Тој ден е радосен за целиот род христијански. Во тие три дена, посветени на слегувањето на Светиот Дух, не се вршат никакви парастоси или помени на упокоените.
Како еден христијанин правилно го празнува Духовден?
– Празнувањето на Духовден за нас христијаните е неизоставно како празнување на секој Господов или Богородичен празник, или слава на некој светител што е наш застапник пред Бога. Секој христијанин треба со благоговение и страв Божји да се спреми во тој ден да се причести. Таа припрема подразбира претходен пост (духовен и телесен), исповед и понатамошно добивање благослов за причестување. Срамно е за кој било човек да се нарекува христијанин, а да не се припреми со пост, молитва и исповед за да се причести во големите празници на Црквата, особено денешниот ден. Ние треба да бидеме деца на вистината, деца облагодатени од сета благодат што Бог ја излива на човечкиот род, иако немирни, сепак деца покајани и деца што се трудат извршувајќи ја Божјата волја да се спасуваат, благодарејќи на Бога за сѐ што направил за нас. Духот Свети, Духот на вистината, од Бога испратениот дар, Тој во Црквата ни е најголемиот помошник, Кој ја исправа секоја лага, Кој ја сведочи секоја вистина, Кој нѐ утешува во секоја неволја и многубројни се даровите што духот Божји ги излива на луѓето што веруваат и глави подигнуваат кон Троичниот Бог.
Која е Вашата порака за читателите по повод празникот Духовден?
– Сѐ кажавме, пораките одамна Духот Божји ги испрати преку светите евангелисти во Црквата Христова, а јас, како и секој Адам од родот христијански, имам желба секој христијанин да се подготви и да пристапи во овој светол ден, да се причести со Телото и Крвта Господови, да види колку е Благ Господ и колку промислил и промислува за спасение на секоја човечка душа.
За многу години. Д.Ст.