Трајко Славески се има покажано како човек кој знае да се грижи за државните интереси и монетарната политика во наредниот период ќе биде во сигурни раце, изјави денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Тој истакна дека не очекува опозицијата да го смени ставот и да гласа за неговиот избор за гувернер на Народната банка.
-Тие го дадоа својот коментар по однос на Трајко Славески кој е предложен за гувернер. Она што деновиве провејуваше низ јавноста, а можев да го видам од сите страни, тоа е дека никој не ја оспори квалификацијата и професионалниот интегритет на Славески. Јас сум убеден дека времето ќе ги дематира СДСМ- рече Мицевски на прес-конференцијата во Собранието во одговор на новинарско прашање.
Изборот на гувернер на Народната банка денеска е пред пратениците во рамки на 52. седница.
За иден гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје, кој треба да ја замени досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. За избор на Славески се потребни 61 глас или просто мнозинство. Славески е актуелен претседател на Советот на Град Скопје, а претходно ги извршување функциите министер за развој и за финансии.
Славески ќе има седумгодишен мандат, а предлогот тој да биде иден гувернер го достави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова. Таа пред да ја донесе одлуката, разговараше со кандидатите за гувернер, а во информацијата објавена по изборот напиша дека изборот меѓу кандидатите бил тежок и дека се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.