Довербата во денарот останува стабилна, без значителни промени во однесувањето на депонентите, истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизијата Сител, тој посочи дека и покрај краткотрајните реакции што се јавуваат во услови на неизвесност, состојбата брзо се стабилизира.
-Нема намалување на депозитите, напротив, тие бележат раст, што е јасен показател за довербата на граѓаните во банкарскиот систем – посочи гувернерот.
Според него, банкарскиот систем останува стабилен и отпорен, со високо ниво на капитал и ликвидност. Адекватноста на капиталот изнесува околу 19 проценти, што обезбедува значителен заштитен слој во услови на неизвесност.
Осврнувајќи се на инфлацијата, Славески нагласи дека глобалните случувања носат одредени ризици, особено преку цените на енергентите и нарушувањата во синџирите на снабдување. Сепак, како што рече, Народната банка внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да реагира со сите расположливи инструменти.
Како дополнителен столб на стабилноста, гувернерот ги посочи девизните резерви, кои на крајот на февруари изнесувале над 5,5 милијарди евра, што претставува раст од повеќе од 70 проценти во споредба со периодот пред пандемијата, обезбедувајќи сигурна поддршка за стабилноста на девизниот курс.
Во однос на изборот на вицегувернери, Славески информира дека постапката се спроведува согласно законските процедури. Предложени се двајца искусни професионалци од Народната банка – Ана Митреска, со долгогодишно искуство во монетарната политика и истражување, и Игор Величковски, специјалист за платни системи и интеграција во регионални и европски платежни структури.
Овие предлози, според него, ќе обезбедат континуитет во работењето и дополнителна стабилност на институцијата.
































