Тајната на духовното зрачење се крие и во тоа што таа се наоѓаше во центарот на градот, и претставуваше, во онаа убава смисла на зборот, „маалска црква“, почитувана, сакана, посетувана. Но, со текот на времето, црквата ја посетуваа верници од сите краишта на Скопје. Се сеќавам дека чинот на крштевањето на своите деца во храмот „Св. Константин и Елена“ го вршеа и жителите од другите маала. Таа памети многу венчавања, крштевки, простување со покојните…
Во почетокот на јуни се одбележува големиот верски празник Св. Константин и Елена. По тој повод, се навраќаме кон значењето и историјата на истоимената скопска црква, која спаѓа во легендите што го обележаа овој град. Сместена во централното градско подрачје, во некогашното Влашко Маало и улицата Поп Кочина, како дел од поширокиот простор на познатото скопско Ново Маало, таа беше урната во земјотресот 1963 година.
Црквата „Св. Константин и Елена“ е започната да се гради уште пред Првата светска војна. Бурните времиња, кои се менувале едно по друго, ја попречиле нејзината изградба. Таа е завршена и осветена во 1926 година. Оттогаш не престанува нејзиното духовно зрачење, но и живото сеќавање на постарите генерации за неа, откако беше урната во земјотресот. Тајната на духовното зрачење се крие и во тоа што таа се наоѓаше во центарот на градот, и претставуваше, во онаа убава смисла на зборот, „маалска црква“, почитувана, сакана, посетувана. Но, со текот на времето, црквата ја посетуваа верници од сите краишта на Скопје. Се сеќавам дека чинот на крштевањето на своите деца во храмот „Св. Константин и Елена“ го вршеа и жителите од другите маала. Таа памети многу венчавања, крштевки, простување со покојните, верски живот што се одвиваше дури и во времињата што не беа погодни за тоа.
Скопското маало во кое таа е подигната има интересна историја. Најпрвин се нарекува Хаџи Селаледин, а потоа и Чивчи Маало. Тоа започнува лево од Камени мост, продолжувајќи во правецот на кејот, до некогашниот Железен мост, во близината кај денешниот комплекс на банките. Десно, маалото се шири кон монополот, а потоа пак свртува кон плоштадот, и го опфаќа просторот наспроти парламентот, до центарот, кај ЕСМ и стоковната куќа. Во рамките на Ново Маало постоеле најубавите бавчи и градини, кои биле обработувани. Но, подоцна, по Балканските и Првата светска војна, тука се населиле материјално позафатени граѓани од предвоена Југославија. Затоа, на кејот, и не само на него, биле изградени најубавите скопски куќи во тоа време. А Влашкото Маало и улицата Поп Кочина си имаат свое посебно значење.
Според нашите сеќавања од детството и раната младост, во црквата најпрвин се влегуваше низ дворот, во кој, од левата страна, се наоѓаше мало паркче со цвеќиња и цветни алеи грижливо негувани. Над самиот главен влез во црквата имаше трем, и низ неколку врати се влегуваше во внатрешните простории. Над влезот имаше фреска на заштитниците на црквата, царот Константин и царицата Елена. Во левата просторија се вршеа крштевките, и од неа често се слушаше детски плач, а за крштевање се користеше голем бакарен сад, со изгравирани рачки од страните. Во поголемата, централна просторија се вршеа божјите служби и простување со покојниците. Во мала куќичка покрај црквата живееше послужителот, кој, кога веќе поптпораснавме, заклучивме дека според својот необичен изглед ни личеше на ѕвонарот на Богородичната црква во Париз. Со голема грпка, со долги пожолтени нокти, проретчена, побелена, долга коса. Ги бркаше децата низ дворот, но знаеше повремено и да ги погали со долгите прсти. Во нејзиното окружување беа славните скопски објекти: Народната банка, „НА-МА“, основното училиште „Иво Лола Рибар“, Вишата педагошка академија, Балетското училиште, големата зграда на Републичкиот секретаријат за финансии. Во близината живееја познати професори, адвокати, лекари, спортисти, уметници. Денес во архивот сѐ уште постојат оригиналните документи зачувани од црквата. Од нив може да се види дека многу видни личности пред војната, го помагале овој верски објект и биле вклучени во повеќе активности.
Поминуваше време, новите генерации скопјани родени по земјотресот, речиси и немаа слушнато за црквата, која полека тонеше во заборав. И тогаш, се случи нешто необично. По отворањето на Градскиот трговски центар во седумдесеттите години, елитни продавници беа отворени во близината на неговиот главен влез, од страната на плоштадот. Многу од продавачките и воопшто од персоналот што работеа во нив, започнаа да ми приоѓаат како на хроничар на Скопје и да ме распрашуваат за историјата на тој дел на градот. „Зошто ви е тоа потребно?“, ги прашав. „Постои еден човек во поодминати години, тој секојдневно доаѓа овде, на почетокот на Трговскиот центар, клекнува на коленици, и се моли. Тоа е негов секојдневен ритуал, а потоа си заминува. Веројатно станува збор за некаква тајна, за нешто што тука се случило, но што?“, се чудеа тие. „Тајната е во црквата“, им реков низ насмевка. „Тајната е во нејзините темели, кои тука сигурно сѐ уште постојат. Тој го почитувал духовното наследство, и доаѓал тука да се моли на местото на стариот храм, ’Св. Константин и Елена‘“. Денес, легендарната скопска црква повторно се возобновува, иако на друга локација, но тоа е убав пример за чување на традицијата.