Нејзиниот живот во себе крие возбудлива приказна за едно скопско детство и воопшто за животот во старо Скопје. Интересен е податокот дека семејната и животната приказна на професорката Басотова тесно се поврзани со основањето на модерната графичка индустрија во Скопје
На 18 јуни 2020 година почина проф. д-р Љубинка Басотова, еден од нашите најпознати и најеминентни професори по класични јазици на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, со исклучителен опус на преводи од тие јазици, со што таа трајно ги задолжи нашата наука и култура. Но нејзината сестраност и исклучителен талент не завршуваат со тоа. Таа извршуваше многу функции во рамките на факултетот, но и надвор од него. Со својата непосредност и комуникативност постојано го пленуваше соговорникот. Со неа ме поврзуваше многу блиско пријателство. Покрај нашите дискусии за класичната литература, открив кај неа една малку позната димензија од нејзината личност и нејзиниот живот. Имено, таа беше жива историја на старо Скопје, a многу од моите приказни сум ги напишал разговарајќи со неа. Љубинка Басотова беше и промоторка на мојата последна книга скопски приказни објавена од Дирекцијата за култура и уметност во 2017 година.
Нејзиниот живот во себе крие возбудлива приказна за едно скопско детство и воопшто за животот во старо Скопје.
Интересен е податокот дека семејната и животната приказна на професорката Басотова тесно се поврзани со основањето на модерната графичка индустрија во Скопје. Најпрвин, во 1930 година, со формирањето на една од најголемите печатници во градот, „Немања“, која по војната ќе прерасне во гигантот „Гоце Делчев“. Потоа, од неа ќе се формира и другиот гигант, печатницата „Нова Македонија“. Нејзиниот татко Милан Јањиќ, ќе дојде во Скопје во триесеттите години на минатиот век, како искусен графичар од белградска „Политика“, токму заради основањето на печатницата „Немања“. Тој е еден од првите кадри што се вработени во неа и со кои започнува нејзината работа. Во истиот колектив ќе ја запознае Цветанка, и со неа ќе склопи брак, во кој ќе имаат две деца, ќерка и син. Цветанка – Цена е новомаалчанка, и тие подолго време ќе живеат во куќата во Ново Маало, која се наоѓала на местото на денешната гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
„Така се случило“, ми раскажуваше своевремено професорката Басотова, „и двајцата мои родители да бидат графичари. Јас буквално израснав во печатница, бидејќи и татко ми и мајка ми често ме носеа таму. Имав прекрасно детство, со прошетките низ Скопје, во паркот, со одењето на излети со графичарите. Во тоа време тие беа многу добро платени. Во Скопје, пред војната, графичарите беа толку моќни што имаа и свој Синдикален дом. За чудо, тој дом, таа зграда, сѐ уште постои на улицата Ленинова, со истиот некогашен бр. 12. Од таму носам незаборавни спомени. Во домот ме носеше татко ми, бидејќи графичарите за своите деца организираа проекции на цртани филмови. Тогаш првпат гледав еден филм, и тоа ’Снежана и седумте џуџиња‘. Впечатокот од филмот ден-денес го носам во себе“.
По војната, во 1945 год., донесено е решение печатницата „Немања“ да се реорганизира во рамките на веќе постојната зграда, и да го носи името „Гоце Делчев“. Кон неа се приосединети и другите помали приватни печатници во Скопје, „Крајничанец“ и печатницата на Васил Пупков.
Иако првиот број на весникот „Нова Македонија“ е излезен во 1944 год., со формирањето на моќната печатница „Нова Македонија“ се пристапило во 1952 год. Дел од кадрите и техничката опрема биле префрлени од зградата на печатницата „Гоце Делчев“. Таткото Милан и мајката Цветанка продолжиле со работа во „Нова Македонија“. Басотова се сеќава на дружењето со многу познати графичари, кои ги запознала уште во детство, но и подоцна: Крајничанец, Саво Поповски, Диме Грозданов, Живко Црвот, Митре Инадески, Борко Спировски, Никола и Томо Угриновски, Живко Тодоровски, Франц. Таткото Милан активно се занимавал и со фудбал, настапувал за Графичар, но и за фудбалскиот клуб Југ. Познат бил во Скопје по спортскиот прекар Шмелинг. Од незаборавното скопско детство, но и младоста, таа ја истакнува и големата улога на пионерскиот дом „Карпош“, како расадник на скопската интелегенција. „Во балетската секција одевме заедно со Натка Пенушлиска, Елпида Паковска, Еми Џипунова, Смиљка Силјановска, Олга Милосавлева.
Секцијата ја водеше Германката Анелизе Астман“, раскажуваше Басотова, „настапив и во театарот, иако кратко, во претставите ’Бахчисарајска фонтана‘, ’Грабнувањето од сарајот‘ и во ’Орфеј‘“. Во Основното музичко училиште, како сопран, таа ќе ја изведе една од првите композиции на Томислав Зографски „Тага“, во пијано-придружба на авторот. Нејзиниот музички талент дошол до полн израз.
Многу нејзини сокласници од старата гимназија „Јосип Броз Тито“, која се наоѓаше во близината на кејот и паркот, од генерацијата родени 1934 год., ќе станат познати уметници, лекари, правници, новинари, инженери. Тоа е една врвна генерација, која остави длабоки траги во сите домени во општеството: Бранко Варошлија, Миодраг Мицев, Даница Ручигај, Елена Спасеска-Колева, Мишо Титизов, Зоран Вангелов, Даница Чучук…
Во скопскиот парк постоел чувар, со необично име чичко Јуда, кој на гимназијалците особено им бил љубимец. Басотова се присетуваше дека младите во тоа време во Скопје имале неколку вида забави што биле популарни: киното, корзото, театарот, а пред сѐ игранките. Во педесеттите години таа ќе склопи брак со Александар Басотов, градежен инженер. Живееле во убава куќа на улицата Максим Горки, која пријателите популарно ја нарекувале „Пале Шајо“.
„Незаборавно беше дружењето“, велеше емотивно Басотова, „сите семејно се познававме и се посетувавме, што денес е реткост. А тоа беше најубавата одлика на старото, предземјотресно Скопје“.