Етнолозите и истражувачите на нашите верски празници и обичаи сметаат дека празникот Прочка или Велики поклади спаѓа меѓу најголемите христијански празници. Иако еден дел од празнувањето влече корени и е поврзано со паганските обичаи. Покрај тоа што овој празник е вовед во најдолгиот, велигденскиот пост, тој изобилува со богати, разновидни обичаи, кои му даваат посебен белег.
Една од главните негови димензии е проштевањето, кога луѓето си бараат меѓусебна прошка за грешките. Во претстојниот пост требало да се влезе ритуално исчистен од гревот. Обично помладите бараат прошка од постарите и од родителите, велејќи: „Прости ми“, а им се одговара со зборовите: „Нека ти е простено, од мене и од бога“. Притоа, оној што барал прошка носел подарок, обично портокал, а во Скопје, велат етнолозите, се носел и специјално месен леб, наречен „чурек“.
Преоблекувањето или маскирањето е карактеристичен белег при одбележувањето на празникот Прочка. При преоблекувањето, најмногу се користеле народните носии, потоа градските носии „а ла турка“ или „а ла франга“. Особено популарно било носењето ромска облека, која се шиела или се позајмувала. Во Скопје се преоблекувале и мажите и жените и децата. Понекогаш се комбинирале повеќе видови носии, а за жените важело едно строго правило. При начинот на забрадувањето, се разликувале оние што се мажени од немажените. Децата најчесто се издвојувале од другите и според маските-сурати што ги носеле на лицето, а кои биле изработени од картон.
Популарно било фотографирањето во ателјеата кај познатите скопски фотографи. Фотографиите биле посебно делени меѓу роднините и пријателите. По фотографирањето се одело право на Калето или на плоштад, каде што имало музика и разни други приредби. Пред војната се одело и на скопскиот кеј, а постои и фотографија на девојки во народна носија, снимени во Офицерскиот дом.
Се подготвувала и богата семејна трпеза, како што е забележано, и тоа печена кокошка, сарма, баница, баклава и кадаиф. По ручекот, следувал обичајот „амкање“, карактеристичен за Прочка. Се амка најчесто варено јајце врзано со конец или канап за светилка или за лустер од таванот. Но се случуваше сукалото да го држи некој од постарите членови на семејството и да го врти во круг. Јајцето се вртеше околу масата, а насобраните се обидуваа да го дофатат со устата и со извиците „ам, ам“.
Обичаите со амкањето биле најразлични. Оној што ќе го фател јајцето, го служела среќа цела година. На крајот, по амкањето, се палел конецот или канапот и, според траењето на огнот, се гатало за должината на животот на некој член од семејството.
И за време на Прочка се палеле огнови што се прескокнувале, што симболично означувало прочистување од злите духови. Неделата пред Прочка се нарекувала Бела недела и се јаделе само млечни производи. Денот по Прочка се нарекува Чист понеделник, кога почнува велигденскиот пост. Постојат повеќе приказни за денот Чист понеделник во Скопје. Со шпедитерски коли се одело во месностите Барутана или Тасино чешмиче, каде што се одржувале најразлични свечености.
Пред повеќе години, Музејот на градот Скопје организира значајна и интересна изложба за празнувањето на Прочка во Скопје. Изложбата и каталогот ги подготви етнологот Ангелина Крстева. Таму е изнесен еден помалку познат податок во врска со Прочка во Скопје, а во кој се вели: „Седмицата пред Прочка имала и општествен карактер, особено кога немажените девојки и момчиња одделно, од различни маала во градот, предводени од повозрасен маж и жена, оделе на Бит-пазар и шетале на различни страни од улицата. Ваквата јавна промоција имала за цел овозможување на немажените/неженетите од различни маала да се видат, да си дадат ишарет со огледалце и, евентуално, да си изберат партнер. Девојките и момчињата, вклучувајќи ги и предводниците, повозрасна жена и маж, биле облечени во народна носија“.
Во годините по војната, од идеолошки причини, верските празници главно се одбележуваа во потесниот круг на семејството, па, така, и празникот Прочка се одбележуваше со свечен семеен ручек и со амкање, кое претставуваше своевидно доживување. Но веќе кон 1960-тите години, во времето на нашето детство, сѐ почесто се одеше на Калето, а зурлите и тапаните што се слушаа оттаму беа сѐ погласни. Најпрвин децата, а потоа и возрасните, во голем број доаѓаа на Калето во живописни народни носии, што беше вистински празник за очите. Старата традиција, полека но сигурно, повторно оживуваше. Веќе кон седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век одбележувањето е многу помасовно, а покрај Калето, плоштадот беше едно од главните места на празнувањето. Таму најмногу одекнуваа зурлите и тапаните.
Прочка е. Време е да си простиме. „Прости ми. Нека ти е простено, од мене и од Господа“.