Многу од неговите остварувања и активности не ѝ се познати на пошироката јавност. На пример: тој е дизајнерот на грбот на НР Македонија, ликовно и графички го опремил првиот македонски буквар, негова карикатура се појавила во првиот број на весникот „Нова Македонија“, еден е од основачите на „Остен“, автор е на првиот грб на градот Скопје, секретар е на ДЛУМ, автор на филмската сценографија за „Мис Стон“. Дали треба уште да набројуваме?
Скопски легенди
Годинава (2019) се навршуваат сто и пет години од раѓањето на Василие Поповиќ-Цицо (1914-1962). Секое навраќање кон неговото творештво, особено кон карикатурите, предизвикува нескриено задоволство кај неговите истражувачи и почитувачи. Во нашите скопски тинејџерски години, кога започнавме со првите обиди во пишувањето, ги посетувавме редакциите на списанијата, а подоцна и издавачките куќи. Во тие редакции и културни институции знаеше да нѐ погоди вистински гром од делата на еден уметник што имавме можност првпат да ги видиме. Делата оставаа врз нас силен впечаток. Стануваше збор за карикатурите на Василие Поповиќ-Цицо, кои со својата силна уметничка сликарска креација беа повеќе од карикатури. Совршениот цртеж, впечатливиот колорит, благата, ненаметлива иронија и хуморот ги чинеа ретки, исклучителни дела. Оттогаш, кога ќе се споменеше името на Цицо, секогаш со почит помислувавме на неговото големо и инспиративно уметничко дело.
Василие Поповиќ-Цицо е роден во Скадар во 1914 год. Неговиот татко, кој бил свештеник по потекло од Плав, со семејството се преселил во Скопје. Така, идниот уметник уште од својата петгодишна возраст живеел во градот на Вардар, каде што, со мали исклучоци, го поминал сиот свој животен и работен век. Затоа, Цицо го сметал Скопје и за свој роден град. Живеел, главно, во две скопски маала, како дете трчал по сокаците на Саат-кула Маало, а подоцна живеел во населбата Пролет. Цртал од раните години, а уште како момче му помагал на Никола Мартиновски во изработката на муралите. Во 1933 год. се запишал на Уметничката школа во Белград, која ја завршил во 1938 год. Веднаш потоа работел во Народниот теaтар во Скопје како сценограф, заедно со Мартиновски и Владимирски. На почетокот на војната 1941 г. е заробен и одведен во воен логор во Германија, а потоа и во Бугарија.
По периодот на заробеништво, заминал во партизани, во Горно Врановци, каде што се наоѓале агитпропот и печатницата. По војната, примен е во Народниот театар во Скопје како сценограф, во кој работи сѐ до својата ненадејна смрт во 1962 год. Во годините пред војната, тој ја запознал својата идна сопруга Евица, со која ќе се венчаат 1946, а во 1948 год. ќе им се роди ќерката Гордана.
Во многу области Василие Поповиќ-Цицо го покажал својот талент и оставил неизбришливи траги: во карикатурата, сценографијата, сликарството, графиката, костимографијата, опремата на книги. Неговите блескави сценографии покажуваат еден модерен и оригинален дух, а според автентичноста, не случајно за него може да се каже дека е гениј во карикатурата. Тој се смета и за основоположник на македонската карикатура. Неговите карикатури се трајна хроника на скопскиот живот, но и пошироко. Вешто ги цртал и портретирал уметниците, политичарите, своите блиски, луѓето од народот. Бил еден од автентичните скопски боеми, дружељубив, неконформист и секогаш одмерен во зборот. Многу од неговите остварувања и активности не ѝ се познати на пошироката јавност. На пример: тој е дизајнерот на грбот на НР Македонија, ликовно и графички го опремил првиот македонски буквар, негова карикатура се појавила во првиот број на весникот „Нова Македонија“, еден е од основачите на „Остен“, автор е на првиот грб на градот Скопје, секретар е на ДЛУМ, автор на филмската сценографија за „Мис Стон“.
Дали треба уште да набројуваме? Исклучителна личност, исклучителен творец. Денес се прашуваме дали достојно сме му се оддолжиле на еден ваков уметник. Очигледно треба да се направи многу повеќе за запознавање на младите генерации со неговото творештво. Во 2012 год. во Белград се одбележа 50-годишнината од смртта на Цицо, покрај другото, и со пригодна монографија за чие подготвување голем придонес даде неговата ќерка, историчарката на уметноста Гордана Поповиќ-Васиќ, а треба да се одбележи и придонесот на Владимир Величковски и Јелена Лужина… Монографијата беше промовирана и во Македонија во 2014 година, по повод 100-годишнината од раѓањето на уметникот. И магазинот „Вијенац“ на Заедницата на Црногорците во Македонија, во еден од своите броеви, донесе прилози посветени на Василие Поповиќ-Цицо. Организирани се повеќе изложби. Од големиот број сеќавања на пријателите на уметникот, изделуваме еден вистински куриозитет од записите на Коле Чашуле. По војната, Македонскиот народен театар ги испратил „тројцата мускетари“ да набават реквизити за театарот од просторите на поранешна Југославија: Томо Владимирски, Коле Чашуле и Василие Поповиќ-Цицо. Се разбира, не се можело и без четвртиот, а тоа бил Гога, сметководителот на театарот, со полна чанта пари. Кога се нашле во Загреб, во некоја антикварница, Цицо инсистирал да се купи салонскиот мебел на никој друг туку на црногорскиот крал Никола, мебел што токму тука се нашол на продажба. „Тоа е прогнаник-мебел“, рекол Цицо. „Ако тие го прогониле, ние ќе го сочуваме“. Со секое ново потсетување на овој голем уметник, само се потврдува неговиот значаен придонес во нашата уметност и култура.