Во училиштето за боеми, класата на Петре М. Андреевски беше исклучително тешка. Ако ги издржевте неговите први и ненадејни удари со главата што беа упатувани, а притоа останевте на нозе, тогаш можевте слободно да продолжите со школувањето. Значи, сте имале талент
Во едно неодамнешно телевизиско интервју (јануари 2019) посочив дека Скопје како град има голема боемска традиција и не е случајно што во него има не една, туку две боемски улици. Славните скопски боеми заслужуваат да имаат и свои спомен-обележја на тие улици. Затоа, да се навратиме уште еднаш на темата на скопското боемство. Не беше лесно во 1960-тите и 1970-тите години, во времето на нашата младост, да се оди во школата за боеми, во класата на еден Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Бранко Варошлија, Димитар Солев, Бранко Заревски, Петре Прличко, Димитар Гешовски, Георги Божиков, Миодраг Мицев, Младен Дилевски или сликарот Глигор Чемерски. Сите тие беа видни асови и професори по боемство, од кои имаше што да се научи. Се разбира, ако сакавте да бидете добар ученик. Во тоа време, на самиот почеток од кариерата, што се однесува до боемството, ми се падна еден од најафирмираните професори – писателот и новинар Бранко Варошлија. Веднаш по завршувањето на гимназијата, бев професионално примен на работа во редакцијата „Млад борец“, каде што работеше тој. Варошлија знаеше и ноќта да ја претвори во ден, со добро друштво и муабети, сѐ до утринските часови. А изутрината, додека сѐ уште се соземавме, тој прв и пред сите нас ќе дојдеше на работа, свежо избричен, намирисан, светнат, како целата ноќ да ја поминал во длабок сон. Седеше на бирото, секогаш со отворено книжевно списание, и читаше. Се чудеше каде сме, зошто сѐ уште не нема. Како најмлад, ме испраќаше во редакцијата на „Разгледи“ кај Димитар Солев, да му однесам текст исчукан на машина. Тоа беше дел од неговиот роман во ракопис, „Последниот лет на птицата селица“, кој „Разгледи“ го објавуваше во продолженија. Подоцна, Варошлија ја продолжи професионалната кариера во „Нова Македонија“.
Гане Тодоровски имаше посебна и исклучителна харизма. Единствено тој ги обединуваше сите: и литератите, и сликарите, и скулпторите, и музичарите, и театарџиите и филмаџиите, и младите и старите, и оние што доаѓаа во Клубот на писателите, за да видат какво е тоа чудо од клуб на уметници. Се случуваше да составуваме заедничка песна, сите присутни што седеа на масата кажуваа по еден стих. Кафеаната беше неконвенционален простор за освојување на слободата и за творечка креација. На истиот тој простор во Клубот на писателите се отвораа ликовни изложби, самите држевме говори и ги претставувавме сликарите: Глигор Чемерски, Жарко Јакимовски, Димитар Манев. Честопати присуствуваше и Петар Мазев.
Во школата за боеми, класата на Петре М. Андреевски беше исклучително тешка. Ако ги издржевте неговите први и ненадејни удари со главата што ви беа упатувани, а притоа останевте на нозе, тогаш можевте слободно да продолжите со школувањето. Значи, сте имале талент. Кон крајот на 1960-тите години, додека седевме во вечерните часови во Клубот на писателите, Петре ме запраша: „Бидејќи си критичар, дали си ја видел најновата антологија на македонската поезија објавена во странство?“ „Не“, му реков зачудено, бидејќи не знаев за што станува збор. „Е, тогаш станувај од масата и одиме кај мене дома, мора да ја видиш. Ќе ти ја позајмам“. И така дознав дека Петре живее во барака на улицата Грамос во Лисиче. Се качивме во градски автобус и, нишајќи се фатени за држачите, по едно долго патување во ноќта, стигнавме кај него.
Горев од нетрпение да ја видам антологијата. И навистина, беше тоа едно лошо издание и претставување на нашите поети. Потоа напишав и критички осврт за оваа книга. Со Петре почесто се дружевме кога тој работеше во редакцијата за народна музика и играна програма, а јас во редакцијата за култура на Македонската радио-телевизија. Главно собиралиште беше кафеанчето „Алтан“ на Адвокатска улица.
„Бранко Заревски беше апсолутен авторитет, беше поим како новинар-творец и како боем“, ми раскажуваше своевремено неговиот колега, писателот Душко Родев. „Со Бранко работевме заедно долги години, а еден период бевме и во издаваштвото на ’Нова Македонија’, каде што први ги објавивме славните писателски имиња Борхес, Кундера, Булгаков, Солженицин“, се сеќава Родев. И навистина, освен колегите со кои работеше, во издаваштвото, новинарството и графичката индустрија, Заревски ги обединуваше сите славни скопски боеми – Бане Ковач, Киро Чауле, Лазо Кавалот, Гаврош, Туниќ, Бошко Југославија, но и многу други личности од повеќе области. Иако боемите во своите седенки се дружеа меѓусебно, артистите имаа свој посебен „разгранок“, каде што силни авторитети беа Петре Прличко, Тодорче Николовски, но и Ацо Снагата, Драги Костовски, Ристо Шишков, а од режисерите Бранко Гапо. Боемска атмосфера имаше во театарските бифеа, но не треба да се заборави и некогашното популарно бифе во „Вардар-филм“. Меѓу боемите посебно место заземаше артистот Димитар Гешовски-Гешо. Не случајно на неговата спомен-плоча пишува: „Во Високата школа на скопската боемија ја основа Катедрата по елеганција и благородство“.