Славе и Љубица Димишковски

Скопските легенди на Данило Коцевски (1947 – 2020), македонски книжевен критичар, раскажувач, романописец, поет, драматург и хроничар на градот Скопје со задоволство ги реобјавуваме

Една од скопските приказни на која можеби најмногу и најдолго сум работел, е приказната за легендарната фамилија Димишковски. А тоа не е случајно. Димишковски се традиција, еден од симболите за опстојување на овие простори. Сагата за фамилијата Димишковски е многу богата, но ние досега малку сме обрнале внимание на тој дел од скопскиот живот, со сета негова драматика, длабочина и противречности.

Филип Димишковски со своето семејство на имотот

Тешко е да се навлезе во генеалошкото стебло на Димишковски, бидејќи повеќето од семејствата се многудетни, се раѓале и сменувале многу генерации што оставиле траги, но и оние што се подзаборавени во времето. Генерации градинари, бавчанџии и земјоделци, одгледувачи на стока (стада на крави и овци), млекари. Постојано биле на коњи и во запрежни коли, а нивното освојување на ново земјиште за обработка и за стоката, личи на онаа убава приказна за познатите ренџери што го освојувале западот.

Овде ќе посочам на основните елементи на нивното генеалошко стебло за подобро да навлеземе на приказната. Димишковски биле дојдени од селото Моране, и се населиле во еден дел од Ново Маало, наспроти денешниот хотел „Холидеј ин“. Тие, за тоа далечно време, денес велат: „Тоа било како еден вид преселба на народите, сите Димишковски, целата фамилија, била топтан, на едно место, (52 члена), а потоа се разделиле“. Не случајно, денес ги има низ цело Скопје, во Дебар Маало, во Чаир, на Водно, и на други простори. Сепак, нивното главно јадро било сконцентрирано во Кисела Вода, каде што се преселиле од Ново Маало. Околу месноста Чешма имало десетина нивни куќи, а земјиштето што го поседувале се простирало кон Расадник и околината.

Коњите биле незаменливи во секојдневната работа

Меѓу првите глави на семејствата се наведуваат Вукан и Димишко, а потоа и седумте браќа околу кои се концентрирале повеќе генерации. Меѓу нив се и Велко, Блажо, Анѓелко и Василе. Велко, чии потомци се живи и денес, имал четири сина: Андреа, Филип, Иван, Ѓорѓи и четири ќерки. Филип имал два сина, Цветан и Велко и ќерката Спасија. Цветан, (кој има две деца, Томе и Борка), денес е најстар во фамилијата Димишковски. Наскоро ќе наполни 100 години. Изгледа крепко, и тој лично ми ја раскажува својата историја: „Работевме многу, но имавме и аргати, момоци. Тие живееја на нашиот имот, беа како дел од семејството и ги плаќавме годишно. Но секогаш се имаше време и за забава во Скопје. Одевме со другарите на игранки во Офицерскиот дом и во Соколаната. Свирев на труба и на тапани, салите беа преполни со девојки и со момчиња. За Ѓурѓовден со чези одевме на прослави во црквичето ’Св. Ѓорѓи’“.

Најстариотво фамилијата ќе наполни 100 години, Цветан Димишковски

Трипун Димишковски денес има 90 години, тој исто така потекнува од лозата на дедото Велко, од неговиот син Андреа. За своите деведесет години е посебно витален, со свежи сеќавања, знае многу ретки детали за старо Скопје и за Кисела Вода: „Имавме обработлива земја, од фабриката ’Цветан Димов’ па сѐ до Усје. Колку тешко работевме само ние знаеме, но сојот ни е таков, работлив. Кај Чешма, кај што беше нашата стара куќа, минуваше јаз со многу вода, тоа денес е заборавено. Како инаку ние бавчанџиите ќе опстаневме без вода? Сето тоа го регулиравме, јазот беше со многу краци. Старата Чешма имаше само еден чеп низ кој постојано течеше вода. На имотот, држевме неколку вида коли како превозни средства: запрежни, чези и оние специјалните, за гости, кои ги викавме, брчки. Јас уште како мал, со десет години, ги држев коњите за гривата. Татко ми Андреа замина за Америка, и по една година се врати“.

Ова беа податоците за семејствата Димишковски што живееле од десната страна на месноста Чешма кога се оди кон Драчево (тука спаѓа и куќата на семејството на Иван и неговиот единствен син Вучко). Но од левата страна на Чешма, кон пругата, денес има неколку куќи во кои живеат потомците на Анѓелко, еден од славните седум браќа, како и потомците на Блажо Димишковски. Првата куќа што ја направил на тој крај, синот на Анѓелко, Божин, постои и денес. За сето тоа ми раскажува Борис Димишковски, неговиот внук: „Најпрвин живеевме во старата куќа, со татко ми Славе и со дедо ми Божин. Подоцна си изградивме посебни живеалишта, не само ние, туку и другите внуци на Божина. Пред војната куќата ни беше одземена, за време на окупацијата, исто така. Ние живеевме во помошните простории. Колку се заслужни Димишковци, земете ја монографијата на водостопанството и ќе видите како тие се грижеле за водните ресурси во Кисела Вода“.

Поминале времиња, а денес (и не само денес), синовите, внуците и правнуците од фамилијата Димишковски се познати адвокати, хирурзи, кардиолози, судии, економисти, бизнисмени. Ова беше само дел од приказната за нив. Во некоја од наредните пригоди, ќе ги претставиме и другите славни бавчанџии: Величкови, Фенеровци, Дишовци.